Северна Македонија се наоѓа пред клучен историски момент. 17 години по кандидатскиот статус се отвора можност за влегување во активна фаза од процесот за пристапување кон Европската Унија. Ова е дел од писмената порака на францускиот претседател Емануел Макрон во врска со предлогот за договор меѓу Северна Македонија и Бугарија и тргање на бугарското вето.
Одлуката која следи според Макрон ќе ја обликува иднината на Северна Македонија.
„Сега останува на вас Македонците да се изјасните. Моќта да го смените текот на историјата е во ваши раце. Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат. Како и секој договор така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа”, пишува Макрон во пораката објавена на веб-страницата на француската амбасада во Скопје.
Претседателот на Франција истакнува дека со предложениот договор не се доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на македонскиот идентитет. Тој го наведува Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година како гарант на добрососедските односи кои се темел на европските вредности.
Северна Македонија, според него, е пример за соживот во Европа. Во тој контекст гледа на менувањето на Уставот и внесувањето на нови заедници во него.
Голема храброст, како што наведува тој, во пораката Северна Македонија покажала од независноста преку Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за пријателство и добрососедство.
„Ја заслуживте почитта од цела Европа. Вашето достоинство како македонски народ е стекнато и тоа никогаш нема да биде доведено во прашање”, порачува Макрон и наведува дека конечната одлука треба да биде донесена од македонското Собрание.