„Ако Северна Македонија го прифати францускиот предлог првата меѓувладина конференција со Европската Унија ќе почне за неколку дена“, порача претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел од Скопје велејќи дека предлогот за тргање на бугарското вето е урамнотежен. Тој смета дека Северна Македонија се наоѓа пред историска можност.
„Решението упатува на вашите загрижености и целта е јасна да се започне со пристапните преговори и да се придвижиме кон нашата заедничка иднина во ЕУ. Македонци имате историска можност да кажете ДА. Вие одлучувате за вашата европска иднина.Можете да сметате на политичка и финансиска поддршка”, рече Мишел на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Владата.
Претседателот на Европскиот Совет исто така истакна дека предлогот не е на штета на македонскиот јазик. Мишел рече дека има разбирање за загриженоста за македонскиот идентитет.
„Македонскиот јазик е ваш јазик и предлогот го почитува тоа. Секогаш ги бранам легитимните права на Македонците”, рече претставникот од Брисел.
Тој истакна дека добрососедските односи се едно од најважните прашања при процесот на проширување и дека Северна Македонија е позитивен пример во делот на почитување на правата на малцинствата.
Консултации па усвојување во Собрание
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски изјави дека консултациите за предлогот во рамки на Собранието ќе опфатат разговори со сите политички партии.
Потоа со забелешките предлогот би се вратил во Владата која како усогласен текст, повторно би го доставила до Собранието на конечно усвојување.
Ковачевски исто така истакна дека ќе биде објавен и протоколот за односите со Бугарија. За него предлогот доставен од ЕУ е во согласност со декларацијата за македонските национални интереси и позициите во односите со Бугарија која ја има усвоено Собранието.
„Овој предлог претставува основа за напредок и за она што го очекуваме 17 години откако земјата е кандидат за членство во ЕУ. Од нас зависи иднината на граѓаните и државата. Граѓаните заслужуваат нивниот глас да биде чуен и да биде еднаков со останатите членки на ЕУ”, рече македонскиот премиер.
Тој уште еднаш потенцира дека предлогот недвосмислено го прифаќа македонскиот јазик без фусноти.
„Ние Македонците сме горди на македонскиот јазик и идентитет. Никој не го асимилирал македонскиот народ. Модифицираниот предлог ги става историските прашања надвор од преговарачката рамка. Предлогот и протоколот се независни процеси кои коинцидираат”, рече Ковачевски.
Според него протестите пред Владата се поддржани од партии кои имаат став дека Северна Македонија не треба да биде членка на ЕУ и НАТО. И смета дека протести со насилство и со учесници со качулки не доликуваат на демократска држава.
Претседателот на Европскиот Совет освен со Ковачевски се сретна и со претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери и со претставиници на политичките партии застапени во Собранието.