Ново разочарување од Брисел за Западен Балкан. Северна Македонија и Албанија и натаму ќе чекаат датум за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.
Самитот ЕУ-Западен Балкан не донесе ништо ново. Северна Македонија го отфрли францускиот предлог за кревање на бугарското вето, додека Бугарија останува на своите позиции за отворените прашања за јазикот и идентитетот.
Сложената политичка ситуација во Бугарија е дополнителен проблем. Владата е во заминување и Парламентот треба да го има последниот збор. Албанија пак не напредува во евроинтеграциите поради ставот на Европската Унија дека европската интеграција на двете земји треба да оди во пакет.
Ковачевски: Историските прашања не може да бидат критериум за ЕУ
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски по завршувањето ЕУ-Западен Балкан во Брисел рече дека францускиот предлог во ваква форма е неприфатлив за него, за претседателот на државата, за коалициските партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија.
Според Ковачевски, клучните услови кои треба да бидат усвоени за предлогот да биде прифатлив за Северна Македонија се чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет. Историските прашања, не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, истакна тој.
„Сите 27 нации и 27 земји кои се приклучија на унијата, сите се приклучија гордо со почит на сите различности. Ништо од тоа не било проблематизирано на европскиот пат.
Треба да се приклучиме гордо кон ЕУ исполнувајќи ги притоа сите критериуми за членство”, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Ако во текот на француското претседателство се постигне разбирање за македонските позиции Северна Македонија, како што изјави Ковачевски, е подготвена да се вклучи во разговорите кои ќе водат до отворање на пристапните преговори со ЕУ до крајот на јуни.
Рама: Бугарија добива поддршка за дестабилизација на Северна Македонија
Албанскиот премиер Еди Рама смета дека одлуката на Бугарија да не го тргне ветото за почеток на преговори води кон дестабилизација на Северна Македонија. Рама истакна дека Северна Македонија 17 години чека датум за преговори и дека дури ниту смената на името не довело до никаков напредок.
„Ниту пандемијата, ниту војната не ја обединија Европа. Не е само Бугарија проблем. Европската Унија е уморна од проширувањето. Таа повеќе стана инструмент за поедини членки да запрат нешто. Приказната со Бугарија е срамота. Една земја членка на НАТО ги киднапира шансите за преговори со ЕУ на други две земји членки. Знаеме дека Бугарија добива поддршка за да ја дестабилизира Северна Македонија”, изјави Рама.
Вучиќ: Сами да се грижиме за иднината на регионот
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференцијата истакна дека неговата земја поддржала пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, но сепак повторно ништо не се случило.
„И натаму заедно ќе се бориме за заедничката европска иднина. Мислам дека заедно ќе успееме да ги решиме тешкотиите за ова што и е наметнато на Северна Македонија. Сакавме сами да се грижиме за иднината на овој регион. Тоа беше наша идеја, а не на Путин. Јас никогаш со него не сум разговарал за ова”, истакна Вучиќ.
Откажана прес-конференцијата на европските лидери
Иако предвидена, без никакво образложение, прес-конференцијата на европските лидери по самитот ЕУ-Западен Балкан беше откажана. Најавата беше отстранета од веб страницата на Европската комисија. На прес-конференцијата требаше да говорат францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Борел: Разочаран сум
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изрази разочараност од фактот што ЕУ не можеше да донесе одлука за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Денес моравме да започнеме преговори со Албанија и Северна Македонија. И не можам да го сокријам моето разочарување, што секако е разочарување за многу повеќе луѓе”, изјави Борел пред почетокот на самитот.
Вархеји: Ја разбираме бугарската загриженост
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пред почетокот на самитот на Твитер напиша дека ЕУ сериозно ја разбира бугарската загриженост.
„Бугарските грижи сега се дел од преговарачкиот процес. Сега е моментот за одговорни одлуки. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска Унија. Заедно ќе бидеме посилни” напиша Вархеји на Твитер.