Франција го започна процесот за затворање на џамијата Обернаи во областа Бас Рин но, ова не е првпат да го прави тоа.
Од 2020 година, имало најмалку 23 пријавени затворања на џамии низ целата земја, што според критичарите е директна акција против француските муслимани, кои сочинуваат шест отсто од вкупното население.
„На барање на претседателот на Републиката, борбата против исламистичкиот сепаратизам продолжува. Во изминатите две години затворени се 23 сепаратистички места за богослужба“, објави Џералд Дарманин министерот за внатрешни работи на Франција на Твитер.
Ова растечко антимуслиманско расположение низ политичкиот спектар на Франција е причина за загриженост на активистите и организациите за човекови права.
Речиси во сите случаи на затворање џамии, нивните претставници велат дека француската влада обезбедила несоодветни јавни докази за оправдување на овие одлуки.
Извештајот на Ројтерс од почетокот на оваа година зборува за неограничените овластувања кои на властите им даваат „бланко чек“ за затворање места за богослужба без соодветна контрола и процедиура која е толку нетранспарентна што не може да се оспори, сметаат активистите за човекови права, меѓународните организации вклучувајќи ги Обединетите Нации и членови на муслиманската заедница.
„Како во роман на Кафка“, изјави Фионуала Ни Аолаин, специјален известувач на ОН за заштита на човековите права во борбата со тероризмот, за правните процедури кои се користат во такви случаи, кои може да вклучат докази од извори кои не се идентификувани.
„Флертувањето со тајните докази само по себе е загрижувачко, но исто така ги прекршува одредбите во меѓународните договори кои се однесуваат на правото на правично судење и еднаквост пред законот.
Контроверзен антисепаратистички закон
Кога француските власти одлучија да ја затворат џамијата Обернаи, тие го наведоа нејзиниот молитвеник или имам дека е „радикализиран“. Дополнително го обвинија за „радикални проповеднички активности, заземајќи непријателски став кон француското општество со провокативни коментари против вредностите на републиката“.
Токму контроверзниот антисепаратистички закон им дозволува на властите одврзани раце во таргетирањето на француските муслимани со користење на многу критикуваниот концепт на „сепаратизам“.
По спроведувањето на законот, кој доби критики од многу набљудувачи, вклучително и бранители на правата, академици и активисти, животот на муслиманите во Франција е под строга контрола.
Критичарите на законот го нарекуваат „рестриктивен и репресивен“ по природа.
Покрај тоа, новообјавениот Европски Извештај за исламофобијата 2021 година, во своето извршно резиме за состојбата на антимуслиманските чувства во Франција споменува дека „овој закон, кој треба да обезбеди силен одговор против „тероризмот“ и „радикалниот ислам“, всушност испровоцира насилни мерки за потиснување на организирирањето на муслиманите“.
„Најпрво ги погодува највидливите муслимани со проширување на забраната за верски симболи на многу простори, го криминализира секој обид да се организира независна муслиманска богослужба и не се бори против исламофобијата“.
Едно од клучните откритија на извештајот е дека произволното затворање или забрана за многу исламски организации како асоцијации, училишта, џамии, или издавачки куќи многу често се оправдува со неубедливи причини.
„Исламофобијата во Франција е првенствено резултат на државата, која се стреми да воспостави „Ислам на Франција“ кој го отстранува самоопределувањето од француските муслимани за да ги направи „муслимани без ислам“.