Премиерот ќе поднесе оставка на 100 дена пред парламентарните избори / Фото: TRT Balkan / Photo: TRT BALKAN

Во пресрет на општите избори на кои ќе излезат македонските граѓани на 8 мај ќе се формира т.н. техничка влада, односно влада чиј мандат ќе биде да ги спроведе изборите и со заедничко учество на опозицијата во највисокото извршно тело да даде легитимитет и доверба во изборниот процес.

Станува збор за уникатен модел кој ретко може да се сретне во друга држава. Техничката влада популарно е наречена и Пржинска влада, бидејќи решението произлезе од т.н Пржински преговори во 2016 година со посредство на меѓународната заедница.

Тогашната власт и опозиција ја надминаа политичката криза со договор премиерот да поднесе оставка на 100 дена пред избори за да нема влијание на моќ врз процесот. Исто така опозицијата доби право да именува двајца министри и тоа во ресорите внатрешни работи и труд и социјална политика.

Во овој модел на Влада опозицијата партиципира и со дополнителни заменик министри во ресорите финансии, земјоделство и администрација.

Сепак, од кризната 2016 година поминаа речиси осум години и ова е втор изборен циклус во кој се применува „пржинското“ решение.

Главните критики на техничката влада за спроведување избори се дека до денот на гласање се блокираат државните институции, целиот фокус е ставен на политичкиот натпревар меѓу партиите, а во меѓувреме стагнира економијата и општествениот потенцијал.

И покрај критиките дека ваквата влада е нефункционална поради внатрешните препирки и кочници меѓу министрите и замениците на власта и опозицијата, сепак политичките партии решија и овие избори да ги спроведат со решението од 2016 година.

Во постигнатиот партиски компромис, македонската опозиција се согласи да номинира министри и дополнителни заменик министри, но истакна дека нема да гласа за избор на новиот премиер кој ќе има мандат од 100 дена.

Истовремено овие парламентарни избори повторно ќе се одржат по пропорционалниот изборен систем со Донтовата формула на пресметка на гласови по изборни единици.

Иако помалите партии и од власта и од опозицијата критикуваа дека моделот ги фаворизира најголемите партии и не се постигнува идеална претставеност на гласовите во Собранието, не се постигна договор за избори во една изборна единица и отворени листи.

Куриозитет е што за првпат македонските гласачи своето право ќе го остварат во среда, бидејќи според законските рокови единствено усогласување со истекот на мандатот на претседателот на државата и на актуелниот собраниски состав е 8 мај, а истовремено се избегнува и изборите да се одржат на празникот Велигден кој се паѓа на 5 мај.

TRT Balkan
Популарни