Премиерот Кирил Петков во Парламентот на Бугарија     Фото: АА

Бугарија влегува во нова политичка неизвесност откако вчера со 123 гласа ЗА и 116 ПРОТИВ, изгласана е недоверба на Владата предводена од премиерот Кирил Петков.

Гласањето го иницираше опозициската партија ГЕРБ, која ја предводи поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Причината за иницирање на гласањето за недоверба се, како што истакнаа, неуспешните економски политики.

Првичните реакции на премиерот Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков по гласањето недоверба за неговата Влада во Парламентот на Бугарија, рече дека „ова гласање е мал чекор од еден долг пат“.

„Ми беше чест да водам Влада што е соборена од Пеевски, Борисов, Слави Трифонов и Митрофанова. Ветувам дека ќе продолжиме да ја браниме државата. Еден ден ќе имаме држава без задкулисни игри и без мафија. Една нормална европска држава“, нагласи Петков во обарќањето од собраниската говорница.

Како дојде до кризата во коалицијата?

До кризата во владината коалиција во Бугарија дојде откако партијата „Има таков народ“ на познатиот бугарски телевизиски шоумен Слави Трифонов, се повлече од коалицијата поради, како што наведоа, спремноста на Владата да го повлече ветото за почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

На 16 јуни, под притисок на опозицијата, од позицијата претседател на бугарското Собрание си замина и Никола Минчев. Владата предводена од премиерот Петков беше формирана во декември минатата година по одржани три парламентарни избори во земјата.

Владата раководеше со земјата половина година. На чело на Владата застана премиер кој јавноста го перцепираше како личност со европски вредности. Тој најави дека целта на Владата е да спроведе реформи во владеење на правото, да се бори против распространетата корупција и криминалот, а го поддржуваше и европскиот обвинител кој започна истраги во Бугарија.

Што понатаму?

Сега, според предвидените процедури, претстои Владата да си поднесе оставка. Претседателот на државата Румен Радев треба да почне консултации со партиите во Парламентот.

Уставот налага претседателот на државата повторно да даде шанса мнозинство да формира лидерот на партијата, која на последните парламентарни избори освоила највеќе гласови, а тоа е партијата на Петков. Доколку му биде доделен мандатот повторно, тој би требало да формира мнозинство во парламентот во рок од седум дена.

Ако не успее во тоа Петков, тогаш опозициската ГЕРБ предводена од поранешниот бугарски премиер Борисов, е втора по освоени мандати на последните избори и тогаш и тие ќе имаат седум дена да формираат мнозинство. Доколку и тие не успеат, тогаш претседателот на државата ќе формира влада која ќе треба да организира предвремени парламентарни избори. Тоа би биле четврти избори во период од околу една година.

Политичката криза во Бугарија кулминира со пад на Владата во предвечерието на Самитот за ЕУ на Западен Балкан кој се одржува во Брисел. Овој самит на ЕУ за Западен Балкан е важен од аспект на политиката на проширувањето, бидејќи земјите како Северна Македонија и Албанија очекуваат датум за почеток на пристапните преговори.

Процесот го кочи Бугарија уште од ноември 2020 година, кога донесе одлука да стави вето на преговарачката рамка за Северна Македонија и со тоа да го блокира патот на земјата кон европските интеграции.

TRT Balkan
Популарни