Марио Драги претходно повика на единство и наведе низа проблеми со кои се соочува Италија      Фото: АА

Италијанскиот премиер Марио Драги денеска му поднесе оставка на претседателот Серџо Матарела, соопшти кабинетот на италијанскиот претседател. Според соопштението, Матарела побарал од Драги да остане на функцијата в.д. премиер.

Во соопштението не се наведува дали Матарела ќе го распушти парламентот или ќе распише предвремени избори, пренесува Ројтерс.

Италијанскиот претседател планира во текот на денешниот ден да се сретне со претседателите на двата дома на парламентот.

Претходно денеска Драги во обраќањето пред парламентот најави дека ќе разговара со Матарела и ќе го информира за понатамошните чекори, откако трите коалициски партии ја повлекоа поддршката за неговата влада.

Тројцата главни коалициски партнери на Драги вчера одбија да учествуваат на гласањето за доверба во Сенатот, каде 95 од вкупно 321 сенатори го поддржаа Драги, додека 38 беа против.

Десетици сенатори го бојкотираа гласањето, оставајќи ја коалицијата на Драги десеткувана, без големото мнозинство што тој се обиде да го освои и со предвремени избори во септември или октомври како најверојатен исход на целата ситуација.

Гласањето го бојкотираа сенаторите од трите партии од коалицијата на Драги: Форца Италија, десничарската партија предводена од поранешниот премиер Силвио Берлускони и екстремно десничарската Лига, предводена од Матео Салвини и од Движењето 5 ѕвезди (М5С) .

Драги, исто така, поднесе оставка минатата недела, но претседателот Серџо Матарела го одби и му рече да види пред парламентот дали може да заживее широка коалиција.

Марио Драги претходно повика на единство и наведе низа проблеми со кои се соочува Италија, од војната во Украина до социјалната нееднаквост и зголемувањето на цените.

Tanjug
Популарни