Претседателот на Италија синоќа ја отфрли оставката на премиерот Марио Драги, барајќи од него да се обрати во Парламентот наредната недела откако една партија во владејачката коалиција ја повлече поддршката за неговата влада.
На состанокот со Драги, по напуштањето на Сенатот од страна на пратениците од Движењето 5 ѕвезди поради клучното гласање за доверба претходно во текот на денот, Серџо Матарела во соопштението рече дека ја одбил оставката на премиерот, барајќи од него да им даде можност на пратениците да ги проценат последните политички случувања.
Движењето 5 ѕвезди, клучниот партнер во владејачката коалиција, се откажа од клучното гласање за доверба во Сенатот, принудувајќи го премиерот да го признае колапсот на Владата.
„Сакам да објавам дека оваа вечер ќе ја предадам мојата оставка во рацете на претседателот на Републиката. Денешното гласање во Парламентот е многу значаен настан од политичка гледна точка“, рече Драги.
„Мнозинството на националното единство кое ја поддржува оваа влада од нејзиното создавање, не постои повеќе“, додаде тој.
Се очекува премиерот да се обрати во Парламентот в среда, но неговите зборови не оставија многу простор за промена на мислењето.
Драги рече дека се обидел да ја одржи заедно коалициската Влада и исполнил некои од барањата на Движењето 5 ѕвезди.
Тој истакна дека е посветен да ја води Владата само ако има можност да ги води политиките за кои пратениците гласале, вклучително и економската поддршка за домаќинствата и бизнисите, услов што сега е невозможно да се исполни без законодавно мнозинство.
Ако Драги не успее да го добие новото гласање за доверба, претседателот би можел да размисли за создавање друга преодна влада која би ја водела Италија кон нови избори на почетокот од 2023 година.