Премиeрка со најкраток стаж во Велика Британија: Лиз Трас поднесе оставка          Фото: Ројтерс

Лиз Трaс во четвртокот изјави дека поднесува оставка од премиерската функција, станувајќи премиерка со најкраток стаж во историјата на Велика Британија. Таа беше на власт само 45 дена.

Причината за оставката е нејзината економска програма која предизвика шокови низ пазарите и ја подели Конзервативната партија само шест недели откако беше назначена. Неделава беше под притисок по оставката на Суела Браверман како министерка за внатрешни работи што предизвика дополнителна поделба во партијата.

Лидерските избори ќе бидат завршени во текот на следната недела. Зборувајќи пред Даунинг стрит 10, Трас прифати дека не може да ги исполни ветувањата што ги дала кога се кандидирала за лидер на Конзервативците, бидејќи ја изгубила довербата од нејзините сопартијци.

„Дојдов на функцијата во време на голема економска и меѓународна нестабилност. Семејствата и бизнисите беа загрижени како да ги платат сметките, илегалната војна на Путин во Украина ја загрозува безбедноста на целиот наш континент и нашата земја беше задржана предолго од низок економски раст“, рече таа.

Додаде дека била избрана од Конзервативната партија со мандат да го смени ова.

„Поставивме визија за економија со низок данок и висок раст што ќе ги искористи слободите од Брегзит. Признавам, со оглед на ситуацијата, не можам да го исполнам мандатот за кој бев избрана од Конзервативната партија. Затоа разговарав со неговото височество кралот за да го известам дека поднесувам оставка како лидер на Конзервативната партија“, рече таа.

„Ќе останам како премиер додека не се избере наследник, заврши Трас.

TRT Balkan / агенции
Популарни