Борис Џонсон повеќе не е лидер на владејачката Kонзервативна партија, и сосема извесно е дека „ториевците“ ќе изберат нов премиер кој ќе се всели во резиденцијата на улицата Даунинг бр.10.
Со оглед на огромното мнозинство кое Конзервативната партија го ужива во Парламентот на Велика Британија, јасно е дека од нивните редови ќе биде избран следниот мандатар кој ќе ја води Владата.
Засега неколку кандидати јавно и јасно ги изразија нивните намери да го заменат Борис Џонсон, лидерот кој цврсто стоеше зад планот „Брегзит“, односно напуштање на Европската Унија, но истовремено и политичар во кого изгуби доверба партијата и следбениците, по бројните скандали, лаги и грешки.
Ќе им се исплати ли бунтот?
Меѓу фаворитите за нов предводник на „ториевците“ се сметаат Риши Сунак и Саџид Џавид, едни од најистакнатите министри во Кабинетот на Џонсон. Двајцата министри поднесоа оставки на функциите и јавно вршеја притисок досегашниот лидер да се повлече.
Руши Сунак беше министер задолжен за финансиите чија популарност растеше со пакетите финансиска помош за граѓаните и бизнисите во екот на пандемијата со Ковид-19. Јавноста има голема доверба во инвестицискиот банкар дека може да ја води земјата во време на инфлација и неизвесна економска состојба. Дамка на неговата кариера е кршењето на правилата за карантин за што доби и казна.
Исто така, според британските медиуми, неговата сопруга Акшата Мурти не плаќала данок пријавувајќи недомицилен статус. Тоа значи дека нејзиното постојано живеалиште е пријавено во земја надвор од Велика Британија, но подоцна доброволно се согласи да плаќа данок на нејзините приходи од странство.
Таков даночен статус пријавил и Саџид Џавид, вториот сериозен кандидат за предводник на британската извршна власт, и тоа од 2000 до 2006 година кога се бавел со банкарство. Џавид кој си поднесе оставка од позицијата министер за здравство, и еден од гласните критичари на Борис Џонсон, доби високи оценки од јавноста за справување со здравствената криза предизвикана од корона-вирусот.
Велика Британија беше земја со најголема достапност на вакцини против Ковид-19 во раната фаза, и предводеше со највисока стапка и опфат на вакцинација, а исто така и прва од Европа излезе од карантините, заслуги кои со сигурност ќе сака да си ги препише Џавид во премиерската трка.
Кандидатот од сенка
Кандидат од сенка кој има добри шанси е Џереми Хант, добро познатиот соперник на Борис Џонсон, кој ја изгуби директната партиска битка во 2019 година, завршувајќи втор со една третина гласови од Конзервативната партија.
Хант претходно беше член на Кабинетот и тоа за време на владеењето на двајца британски премиери, Џејмс Камерон и Тереза Меј, но понудата да служи како државен секретар за одбрана од Борис Џонсон ја одби и одбра да „седне на клупа“, враќајќи се во Парламентот каде водеше повеќе пратенички групи.
Пост „Брегзит“ платформа
Велика Британија може да ја добие и првата жена премиер со индиско потекло. Суела Брејверман, која е втора генерација на мигранти, досега има блескава политичка кариера и е една од најистакнатите членки на Конзервативната партија. Таа нема позиција во Кабинетот, ниту е дел од Парламентот, што на некој начин ја прави „аутсајдер“ во целата трка, но тоа може да биде и нејзина предност.
Суела Брејверман ја врши функцијата јавен обвинител и има долга кариера во државното правобранителство на Велика Британија, учествувајќи во многу судски процеси. Во Кабинетот на Тереза Меј беше министер за излез од ЕУ и можеби беше една од главните „виновнички“ за нејзина смена.
Меј имаше помек став по британскиот референдум, додека пак Брејверман ја застапуваше тврдата партиска линија за дефинитивен излез и регулирање на односите со ЕУ, што подоцна се покажа и како паметна политичка одлука. Но, сега три години по Брегзит ќе треба да се види на што ќе се базира нејзината платформа и политичка визија.
Сигурен победник?
Според одредени анкети, меѓу главните фаворити е Бен Валас, актуелниот министер за одбрана. Најмногу внимание привлече твитот на поранешниот НБА кошаркар кој исто така се вика Бен Валас, на кого му е чудно што неговото име се споменува како иден британски премиер.
Министерот за одбрана, Валас, чија популарност се зголеми со улогата што ја имаше во одговорот на Велика Британија на Руско-украинската војна, одби да поднесе оставка од Кабинетот на Џонсон. Според него, важно е да остане на функцијата за да се одржи стабилноста.
Засега нема изјавено дали ќе влезе во трката за идниот премиер на Велика Британија.