Велика Британија: Денес ќе биде познат наследникот на Борис Џонсон

Велика Британија: Денес ќе биде познат наследникот на Борис Џонсон

Новиот конзервативен лидер, Риши Сунак или Лиз Трас, ќе стане 56-ти премиер на земјата
Новиот премиер се очекува формално да се пресели на премиерската адреса- Даунинг стрит 10.       Фото: АА

Велика Британија денеска се очекува да го добие следниот лидер на Конзервативната партија, кој ќе го замени Борис Џонсон на премиерската функција.

Членовите на партијата гласаа до минатиот петок за да го изберат следниот лидер по неколкунеделната кампања од двајцата кандидати, Лиз Трас и Риши Сунак. Кој и да победи, ќе биде именуван и за следен премиер на земјата.

Претседателот на Комитетот на партијата од 1922 година, Сер Греам Брејди, ќе го објави победникот во 12.30 часот по британско летно време , а новиот лидер се очекува да одржи краток говор во Центарот „Кралица Елизабета Втора“ во Лондон.

Се очекува министерката за надворешни работи, Трас, да го победи Сунак во трката за шеф на партијата и последователно да стане 56-та премиерка- третата досега жена на таа позиција по Маргарет Тачер и Тереза ​​Меј.

Се очекува победникот да одржи краток победнички говор по објавувањето на резултатот, а новиот премиер во вторник ќе биде примен од кралицата Елизабета Втора и формално ќе ја добие должноста да формира нова влада.

Бакингемската палата соопшти дека кралицата ќе ги прими премиерот во заминување Борис Џонсон и новиот премиер на имотот Балморал во Абердиншир, Шкотска, откако и било препорачано да не патува.

Новиот премиер се очекува да одржи говор во 16 часот во вторник и формално да се пресели на премиерската адреса- Даунинг стрит 10.

Трката за лидер на Конзервативците започна по оставката на Џонсон на 7 јули, откако многу од неговите министри поднесоа оставки, изјавувајќи дека не би сакале да продолжат да работат под негово раководство.

AA
Популарни