Асен Василев е кандидат за нов премиер на Бугарија. Ова денеска го објави бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков.
„Тој е човек во кого имам апсолутна доверба, со кого ја започнавме борбата рамо до рамо и со кого ќе ја завршиме рамо до рамо во еден тим. Еден тим со него, со сите членови на „Продолжуваме со промените“, со сите коалициски партнери, со сите истомисленици. Време е да ги засукаме ракавите и да си ја завршиме работата”, рече Петков на прес-конференција во Софија.
Асен Василев беше вицепемиер и министер за финансии во владата на Петков.
Кирил Петков како претседател на „Продолжуваме со промените” пред неколку дена го доби мандатот за состав на новата бугарска влада од претседателот на Бугарија Румен Радев. Претходно бугарското собрание гласаше за недоверба на доскорешната влада која ја предводеше Петков.