Одлуката на Движењето 5 ѕвезди (М5S), еден од партнерите во широката коалициска Влада предводена од Марио Драги, да не учествува во парламентарното гласање на владиниот предлог за пакетот економска помош на семејствата и бизнисите, предизвика политичка криза во Италија.
Се зголемија тензиите во италијанската политика пред денешното гласање во Сенатот, Горниот дом на Парламентот, за пакетот економска помош подготвен од Владата на Драги за поддршка на семејствата и бизнисите во рамките на борбата против поскапувањето на енергенсите поради војната во Украина.
Џузепе Конте, лидерот на Движењето 5 ѕвезди, кој веќе извесно време го критикува пакетот и не ја смета за доволна поддршката резервирана за семејствата, по средба со својата партиска група најави дека тие нема да учествуваат во гласањето во Сенатот.
Потсетувајќи дека од Драги побарале да направи некои подобрувања во пакетот, Конте рече: „Земјата е на работ од бездна. Ние сме единствената страна која врши притисок врз Владата во услови на вонредна ситуација. Неопходно е да се премине во друг стадиум. Изјавите на Драги не се доволни. Нема да учествуваме во гласањето.“
Конте порача дека се отворени за дијалог кој би имал конструктивен придонес.
Ракцијата на другите партнери од коалицијата
Во првата изјава што ја дадоа од партијата Лига, една од коалиционите партнери во Владата на Драги, беше наведено дека доколку М5S не учествува во гласањето, Владата ќе го изгуби мнозинството во Парламентот и во овој случај, зборот треба да им се даде на Италијанците.
Матео Салвини, лидерот на партијата Лига и Силвио Берлускони, лидерот на партијата Форца Италија, коалиционен партнер во Владата, имале телефонски повик во кој ја оцениле настанатата криза и се согласиле да дејствуваат заедно како сојуз на десниот центар.
Енрико Лета, лидерот на Демократската партија (ПД), друг коалициски партнер во италијанската Влада, истакна дека Владата на Драги треба да остане на функција до крајот на законодавниот мандат, кој ќе заврши во првата половина на 2023 година.
Луиџи ди Мајо, кој неодамна ја напушти М5S за да формира своја партија и ја извршува функцијата министер за надворешни работи во актуелната Влада, за неодговорни ги посочи оние кои ја предизвикаа владината криза во време на војна.
Џорџија Мелони, лидерката на главната опозициска екстремно-десничарска партија Браќа на Италија (FdI), која се најде на првото место во анкетите, на Твитер напиша: „’Владата на најдобрите’ во палатата се ‘дави’ со дворските игри и остана неактивна наспроти војната, пандемијата, инфлацијата, зголемената сиромаштија, високите сметки, зголемените трошоци за суровини, ризиците во снабдувањето со енергија, кризата со храна и нивните последици. Веднаш на избори.“
Во исчекување е потегот на премиерот Драги
По изјавата на Конте во вечерните часови, немаше какво било соопштение од Владата.
На прес-конференцијата одржана на 12 јули, премиерот Драги изјави дека списокот со барања од 9 точки што му го доставиле од М5S е во согласност со владината агенда, но изјави дека Владата не може да продолжи со „ултиматуми“.
Драги рече дека доколку М5S се повлече од Владата, претседателот Серџо Матарела ќе одлучи за следните чекори.
Премиерот на Италија претходно изјави дека неговата влада нема да продолжи без партијата М5S на Конте и дека не сака да претседава со друга влада.
По изјавата на Конте, во италијанската политика владее интересот по кој пат ќе тргне Драги.
Доколку во Италија не се одлучат за предвремени избори, општите избори се очекува да се одржат во првите месеци од 2023 година.
Претседателот на Италија, Серџо Матарела, го задолжи Марио Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка, да формира нова влада откако на 26 јануари 2021 година се распадна коалициската Влада предводена од Џузепе Конте како лидер на технократите.
На 13 февруари 2021 година, Драги ја формира својата влада, именувана како Коалиција за национално единство, во која аплицираат повеќе партии.
Владата на Драги чиј приоритет беше да се бори со последиците од здравствената и економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, оваа година требаше да се бори и со социјалните и економските ефекти предизвикани од руско-украинската војна.