Акцискиот план содржи 20 оперативни мерки      Фото: / Photo: Reuters

ЕУ изработи предлог Акциски план за спречување на илегалната миграција за земјите од Западен Балкан кој доби поддршка на состанокот на министрите за правда и внатрешни работи.

Во пресрет на Самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој денес ќе се одржи во Тирана, се очекува усогласување на политиките и засилено управување на границите по враќање на „интересот за балканската рута“.

Предлог акцискиот план за справување со нелегалните премини на надворешните граници на ЕУ преку земјите од Западен Балкан ќе донесе засилено управување со границите и усогласување на политиките за издавање визи.

Трикратно зголемени нелегалните премини

Акцискиот план предвидува 20 оперативни мерки кои ќе се спроведат откако за периодот јануари-ноември 2022 година, бројот на обиди за нелегално преминување на границите преку т.н балканска рута се зголемил трикратно, односно забележани се 130.000 илегални обиди за кои рапортира Фронтекс.

„Пристигнувањата се резултат на два вкрстени текови, со пристигнувања без визи во Западен Балкан и понатамошно патување кон ЕУ, како и текови на мигранти кои нерегуларно минуваат низ регионот откако ја следеле источномедитеранската рута“, се вели во документот на ЕК.

Фронтекс не ја наведува причината за зголемување на бројката на илегални мигранти, но сугерира дека повеќето луѓе кои ги откриле одреден период престојувале на подрачјето на Западен Балкан пред да се обидат да влезат во ЕУ.

„Луѓето кои бегаат поради војната во Украина не се вклучени во тие податоци“, известува Фронтекс.

Безвизниот режим не е доведен во прашање

Во планот е предвидена и дополнителна финансиска поддршка за земјите од регионот преку претпристапната ИПА 3 програма која од 2021 година досега изнесува над 200 милиони евра.

Поддршката за справување со илегалната миграција, соработка меѓу институциите и вложувања во опрема, инфраструктура и градење капацитети ќе продолжи и во наредните години.

20 оперативни мерки се распоредени токму во петте клучни столбови односно зајакнато управување со границите долж рутите, брзи процедури за одлучување по барањата за азил и поддршка на капацитетите за прием, борба со криумчарите на мигранти, засилена соработка за реадмисија и враќања и усогласување со политиката за издавање визи.

Во однос на либералниот визен режим кој ЕУ го има воспоставено со земји како Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, потврдено е дека сите ги исполнуваат условите и тука нема промени. Сепак, се препорачува усогласување на регионалните политики за издавање визи кон трети земји согласно ЕУ политиките.

Понатаму се препорачува и формирање Заеднички комитет за реадмисија за зајакната соработка со земјите од Западен Балкан, додека пак за справување со криумчарите на располагање ќе биде новоформираната Оперативна работна група на ЕУРОПОЛ.

Ова полициско тело задолжено за пограничните прашања е вклучено во справување со илегална миграција на унгарско-српската граница и можно е формирање на слични оперативни групи и на другите граници помеѓу ЕУ и земји од регионот.

Зголемен притисок од источниот Медитеран

Во контекст на источномедитеранската рута и зголемениот притисок врз околните ЕУ земји во планот, по оперативните точки е наведена и улогата на спроведувањето на договорот со Туркије.

„Тоа вклучува продолжување на враќањата и превенција на отворање на нови мигрантски рути како и специфична соработка со Туркије за засилување на управувањето на нејзината источна граница и борба со криумчарењето, кои остануваат приоритет“ се наведува во документот.

Исто така е наведено и дека ќе се забрза имплементацијата на Механизмот за доброволна солидарност за „побрза реадмисија до земјите на потекло“.

Во однос на целокупната мигрантска политика на ЕУ се посочува дека ќе биде клучна заедничката работа, како и примена на одржливо и структурно европско решение за предизвиците.

Популарни