Што треба да знаете за новите најавени правила за влез во ЕУ?     Фото: TRT Balkan

Од долги редици и чекање со часови пред амбасадите за визи, преку безвизен режим, до повторни најави за нови бирократски процедури за влез во Европската Унија.

Вака накусо може да се опишат фазите во односите на земјите од балканскиот регион со ЕУ, кога се во прашања условите за патување и престој.

Брисел се подготвува за воведување на таканаречениот систем ЕТИАС (European Travel Information and Authorisation System) преку кој Европската Унија ќе одлучува за тоа кој патник ќе може да влезе во унијата и Шенген зоната. Примената би требало да започне од мај 2023 година.

Визи и натаму ќе нема, но сепак ќе постои електронска апликација која ќе мора да ја пополнат патниците од државите кои не се членки на унијата, како и оние патници кои немаат живеалиште во ЕУ.

Како ќе функционира системот ЕТИАС?

Барањето за влез во ЕУ ќе чини седум евра, освен за оние до 18 години и над 70 години. Формуларите за малолетните ќе ги пополнуваат нивните родители.
Одобрувањето ќе се одвива за неколку часа, но Брисел препорачува да се аплицира барем 72 часа пред патувањето поради евентуални непредвидени оддолжувања. Во исклучителни ситуации одобрувањето би траело еден месец.

Планот е кога еден патник ќе добие одобрување за влез тоа да му важи три години или до истекот на пасошот. Европската Унија на овој начин сака да создаде поефективен регистар на граѓани кои влегле и излегле од ЕУ како и спречување на илегалната миграција.

Што ќе содржи апликацијата?

Во формуларот ќе мора да се наведат лични податоци, број на пасош, земјата во која се патува, зошто се патува, податоци за криминално досие, престој во подрачја со воени конфликти, забрана за одредени земји.

Одговорот на апликантот ќе му пристигне на е-маил. Ако барањето на одреден патник му е одбиено тој ќе може да поднесе жалба во рок од две недели.
Одлуката ќе се однесува на 60 држави во светот.

Кога беше воведен безвизниот режим?

Луѓето од шесте земји од балканскиот регион кои не се дел од ЕУ со години наназад во Европската Унија и Шенген зоната влегуваа со визи. Дипломатските претставништва на европските земји детално ја проверуваа обемната документација пред да му одобрат виза на некој апликант. Најчесто визите беа одобрувани за период од шест месеци во кои на оној кој аплицирал му беше дозволен престој од 90 дена.

Засилената гранична контрола, воведувањето на биометриските пасоши, намалувањето на илегалната миграција беа причина ЕУ да почне да размислува за укинување на визите.

Пред 12-13 години ЕУ реши да ги отвори вратите за земјите од балканскиот регион по што беше воведен безвизен режим. Визите за Северна Македонија, Србија и за Црна Гора беа укинати во 2009 година, а за Албанија и за Босна и Херцеговина во 2010 година. Косово се надева на визна либерализација во 2022 година.

TRT Balkan
Популарни