Договорот за донација го потпишаа американскиот амбасадор Џефри Ховениер, генералниот директор на косовската полиција Газменд Хоџа и директорот на ПИК Куштрим Ходај / Photo: AA

Владата на Соединетите Американски Држави донираше седум беспилотни летала на косовската полиција и полицискиот инспекторат на Косово.

Во седиштето на Главната управа на косовската полиција, договорот за донација на беспилотни летала го потпишаа американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер, генералниот директор на косовската полиција Газменд Хоџа и директорот на ПИК Куштрим Ходај.

Амбасадорот Ховениер рече дека последната донација е продолжување на американската поддршка за Косово и посочи дека донираните беспилотни летала ќе обезбедат надзор и тактичка поддршка за полициските операции.

„Со оглед на обемот на криминалните активности на организираните криминални групи во регионот, овие беспилотни летала ќе бидат витален ресурс за спроведување на законот овде во Косово во борбата против криминалните активности во воздухот и на копното“, рече Ховениер. Тој изјави дека со користење на беспилотни летала, кои можат да се распоредат на терен многу побрзо од другите средства, може да се спасат човечки животи.

Ховениер посочи дека беспилотните летала помагаат успешно да се следат тешко достапните области со цел да се спречи трговијата со мигранти, во случај на разни несреќи и да се собираат докази за судските процеси.

Амбасадорот изјави дека во последните пет години САД обезбедиле повеќе од 20 милиони долари за обука и донација на опрема со цел да се модернизира спроведувањето на законот во Косово.

Генералниот директор на КП Хоџа им се заблагодари на Соединетите Држави за долгогодишната помош за Косово, особено по настаните на северот на Косово.

Тој рече дека со денешната донација се комплетира косовската полиција и се овозможува поголема транспарентност во нејзината работа.

„Ова е многу неопходна и вредна донација за косовската полиција, која позитивно влијае на зголемување на капацитетот на полицијата за управување со ситуации на терен, при менаџирање на големи настани, како од аспект на протести, концерти, јавни манифестации, и во следењето на косовската граница и други истражни дејствија кои во иднина ќе ги врши косовската полиција“, рече Хоџај.

Тој посочи дека косовската полиција ужива најголема доверба од граѓаните и дека намерата е да се задржи таков углед со почитување на демократските принципи на современиот свет.

Директорот на ПИК Куштрим Ходај оцени дека соработката со САД придонесува за професионализација на КП.

„Ваквата опрема на современа технологија, како што се овие модели на беспилотни летала, ќе ни помогне уште повеќе да одржиме високо професионално ниво на полицијата и уште полесно да ја надгледуваме работата на полициските службеници“, рече Ходај и додаде дека последните настани во северот на Косово ја покажува потребата косовската полиција да биде на високо професионално ниво.

AA
Популарни