Поранешните советски републики, Финска, Аљаска, крајни дестинации на руските бегалци     Фото: Reuters

Од поранешните советски републики Грузија, Казахстан и Ерменија, преку Финска па се до Аљаска. Ова се државите и регионите каде руските граѓани побараа азил бегајќи од сопствената држава поради мобилизацијата за војната во Украина. Но како е во регионот? ТРТ Балкан провери дали Русите бараат азил и во земјите од регионот на Западниот Балкн или го користат само како транзит за други дестинации?

Едно барање за азил во Северна Македонија по мобилизацијата

Според податоците од министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, во најголем број од случаите, руските граѓани кои допатувале во државата набрзо потоа заминале. Само неколкумина побарале заштита од македонските власти. Но и тие биле одбиени.

„Во текот на 2022 година, поднесени сe три барања за признавање на право на азил за државјани од Русија, од кои само едно барање е поднесено по објавувањето на мобилизацијата. По спроведената постапка, за истите донесена е негативна одлука и во тек е постапката пред надлежните Управни судови”, велат за ТРТ Балкан од македонското МВР.

18 руски државјани побарале заштита од Србија

Иако Србија е една од дестинациите каде Русите и покрај санкциите можеа без проблем да патуваат, сепак во оваа земја нема многу руски баратели на азил.

Русите ги наполнија апартманите во Белград и придонесоа за зголемување на кириите и цената за метар квадратен во Белград и другите делови на Србија, но сепак мал број руски државјани овде побарале заштита.

Според Радош Ѓуровиќ извршен директор на Центарот за заштита и помош, тоа го сториле само 18 руски државјани.

“Ако луѓето доаѓаат овде и бараат азил поради избегнување на воена обврска, не би можеле да добијат, бидејќи воената обврска е утврдена со закон и тоа е обврска на секој граѓанин. Во ситуација кога руските граѓани тврделе дека бегаат од политички режим или не сакаат да користат оружје и дека тоа е спротивно на нивните убедувања, би можеле да побараат и да добијат азил”, изјави Ѓуровиќ за Тањуг.

Над 22.000 Руси влегле во БиХ од почетокот на годината

Руските државјани имаат право на влез и престој без виза во Босна и Херцеговина до еден месец. До крајот на септември, според надлежните органи на БиХ, ниту еден руски државјанин не побарал азил во оваа земја.

Според податоците на граничната полиција на Босна и Херцеговина, од 1 јуни до 22 септември во БиХ влегле 22.100 руски државјани, но земјата ја напуштиле 20.566 руски државјани.

Над 100.000 Руси со подолг престој во Црна Гора

Од почетокот на руската мобилизација до 9 октомври во Црна Гора влегле повеќе од 11.000 руски државјани. Според црногорската полиција, за престој повеќе од 90 дена се пријавиле 104.000 руски државјани. Според податоците на црногорската полиција до средината на октомври, азил во Црна Гора побарале 39 Руси.

Руските бегалци се добредојдени во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Русите кои бегаат по објавената мобилизација се добредојдени во Албанија. Но, засега за Албанија и Косово нема податоци дека некои руски државјани побарале азил во овие земји. Освен украински, во овие земји доминираат бегалци и баратели на азил од Авганистан, Сирија, Алжир, Јордан, Бангладеш.

TRT Balkan
Популарни