Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Сараево изјави дека Босна и Херцеговина многупати во минатото покажала дека може да постигне резултати на патот кон Европската Унија кога ќе дејствува обединето.
Фон дер Лајен, во рамките на посетата на Босна и Херцеговина, оствари средба со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, а претходно се сретна и со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, додека вчера попладне ја посети Доња Јабланица, која најмногу настрада во неодамнешните поплави и свлечишта.
Претседателката на Европската комисија уште еднаш им изрази сочувство на членовите на семејствата на настраданите во неодамнешните поплави во Босна и Херцеговина.
„Беше болно да се види размерот на катастрофата во подрачјето на Јабланица. Сакам да испратам порака до сите дека ЕУ беше со вас и дека ќе продолжиме да даваме поддршка. Го активиравте и Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и во рамките на тој механизам многу земји реагираа веднаш, што покажува колку пријатели има Босна и Херцеговина“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата.
Таа истакна дека ЕУ, исто така, ќе ја разгледа можноста за обезбедување помош на БиХ од Фондот за солидарност, кој е на располагање за земјите членки во случај на природни катастрофи.
„Фондот за солидарност е фонд кој редовно го користат земјите членки во случај на непогоди и катастрофи, но тој е отворен и за земји кои имаат кандидатски статус. Ние секако ќе го разгледаме тоа, но дополнително, почувствувавме дека ви треба помош веднаш, и затоа донесовме одлука веднаш, без одложување, да се мобилизираат средства во износ од 20 милиони евра, а потоа следува фазата на закрепнување и санација, која ќе биде поддржана преку Фондот за солидарност“, рече Фон дер Лајен.
Таа изрази благодарност за посветеноста на БиХ на европскиот пат.
„Оваа земја измина долг пат со напорна работа и конечно стигнавте до кандидатски статус. Донесена е и одлука за отворање на пристапните преговори. Останува уште многу да се направи, но знам дека напорно работите на усвојување на законот. Затоа, најискрено посакувам оваа земја да направи чекори напред на европскиот пат“, рече таа.
Таа нагласи дека е многу важно Босна и Херцеговина да дејствува обединето за да може поефикасно да ги спроведува реформите и да оствари резултати на европскиот пат.
„Босна и Херцеговина многупати во минатото покажа дека може да постигне резултати кога дејствувате и настапувате обединето и се надевам дека во иднина ќе видиме таков обединет пристап“, рече Фон дер Лајен.
Таа порача дека прашањето за проширувањето на ЕУ ќе биде апсолутен приоритет за време на нејзиниот втор мандат.
„Апсолутно е клучно да продолжиме заеднички на овој пат со сите инструменти и алатки и средства што ни се на располагање за да го направиме тоа реалност. Одлучна сум дека ова навистина ќе биде вистински, заеднички исчекор заедно со Босна и Херцеговина“, рече таа.
Потоа ја нагласи важноста на две иницијативи, Планот за раст за Западен Балкан и Инвестицискиот план за Западен Балкан.
„Планот за раст за Западен Балкан е нашата Мапа на патот која треба да овозможи интегрирање на одредени економски економски активности на нашиот заеднички пазар, на пазарот на Европската Унија. Значи, го отвораме пазарот за компаниите од Босна и Херцеговина во однос на пристапот, но, се разбира, потребни се одредени реформи што треба да се спроведат за да имаме сите еднакви услови, а реформите ги следат и финансиски средства кои ќе бидат обезбедени. Ви стоиме на располагање заеднички да го финализираме Планот за раст. Босна и Херцеговина навистина ја заслужува оваа можност“, рече Фон дер Лајен, додавајќи:
„Уште една од иницијативите што би сакала да ја споменам е Инвестицискиот план за Западен Балкан, кој еве полни четири години. Досега покажа стабилни резултати, мобилизирајќи над три милијарди евра инвестиции, пред сѐ во делот на чистата енергија. Знаете дека ЕУ постави цел за јаглеродна неутралност до 2050 година, се разбира дека треба да работиме, не само со нашите земји членки туку и со оние кои се стремат кон членство, да работиме заедно на оваа цел за јаглеродна неутралност“, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е во четиридневна посета на регионот на Западен Балкан, а веќе ги посети Албанија и Северна Македонија, денес е во посета на Босна и Херцеговина и Србија, а потоа во Косово и Црна Гора.