Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган за време на посетата на Белград ја истакна важноста од зачувување на мирот и стабилноста на Балканот и дека е многу важно да се користи здравиот разум во пристапот кон тензиите меѓу Косово и Србија.
За време на посетата на Србија, Ердоган се сретна со претседателот на земјата, Александар Вучиќ.
Двајцата лидери присуствуваа на четвртиот состанок на Советот за соработка на високо ниво меѓу Туркијеи Србија, по што претставниците на двете земји потпишаа 11 договори за соработка.
Турскиот претседател посочи дека Туркије и Србија во изминатиот период напорно работеа на дополнително зајакнување на врските и соработката.
„Работевме исклучително интензивно на развојот на нашите врски и пријателство пред состанокот на Советот за соработка на високо ниво. Денеска потпишавме неколку договори кои дополнително ќе ги зајакнат договорните обврски меѓу нас“, рече Ердоган на прес-конференција.
Тој нагласи дека во фокусот на нивните разговори биле Балканот, Блискиот Исток и Украина, како и други глобални прашања.
Ердоган особено ги пофали односите меѓу Туркије и Србија, истакнувајќи дека нивните билатерални односи може да се наречат дека се во „златно доба“.
„Нашата трговска размена надмина две милијарди долари во последните две последователни години, а заедничка цел е да достигнеме размена од пет милијарди долари и продолжуваме да правиме чекори во таа насока. Исто така, во последните 12 години турските инвестиции во Србија се зголемија од еден милион на 405 милиони долари“, рече Ердоган.
Тој додаде дека само во областа на градежништвото, турските компании вработуваат над десет илјади работници, кои, како што рече, „придонесуваат за српската економија“.
Тој посочи дека Србија и Вучиќ даваат голема поддршка за турските инвеститори, додавајќи дека „претседателот Вучиќ игра многу важна улога во воспоставувањето на оваа многу позитивна клима за инвестиции“.
Ердоган посочи дека разговарале и за регионални прашања и особено ја истакнале важноста на регионалната соработка.
„Уште еднаш ја истакнавме важноста на мирот и стабилноста на Балканот, а во рамките на тоа е многу важно да се има здрав разум во пристапот кон тензиите меѓу Косово и Србија“, рече турскиот претседател.
Тој додаде дека е нагласена и важноста од зачувување на стабилноста на Босна и Херцеговина.
„Ја потврдивме нашата решеност да ја зачуваме стабилноста во Босна и Херцеговина, која е политички многу ранлива, и тоа е факт што треба да се земе предвид и да се промени што е можно поскоро и мислам дека Србија ќе одигра многу конструктивна улога“, рече Ердоган.
Потоа ги коментираше односите со Србија во делот на одбранбената индустрија.
„Способностите на Туркије и во доменот на беспилотни летала ќе бидат вклучени во активностите за развој на соработката, двете земји имаат свои способности. Никој да не се обидува да утврди каква треба да биде содржината на соработката во областа на одбранбената индустрија меѓу Туркије и Србија, двете земји ќе ја одредат содржината“, рече Ердоган.
Тој посочи дека разговарале и за настаните во Украина.
„Уште еднаш кажав колку го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и нашите напори ќе продолжат да воспоставиме траен мир во таа област“, рече турскиот претседател.
Тој нагласи дека со Вучиќ разговарал и за настаните во Газа, Палестина и Либан.
„Навистина е крајно време да се запрат нападите на Израел кои го уништуваат достоинството на човечкиот род. Во самиот корен на проблемот гледаме дека се работи за израелската окупација на Палестина“, рече Ердоган.
Официјални лица од Туркије и Србија потпишаа вкупно 11 договори и документи со цел зајакнување на билатералните односи и соработка, покривајќи области како што се енергијата, трговијата, технологијата, спортот, социјалната сигурност, управувањето со катастрофи и медиумите.