Од 1 јануари 2023 година ќе се укинат граничните контроли во Хрватска на копнените и поморските гранични премини, а од 26 март на аеродромите. / Photo: Reuters

Хрватска доби едногласна поддршка за влез во Шенген зоната, додека за Бугарија и Романија немаше консензус во четвртокот, на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите-членки на Европската унија во Брисел,

Тоа значи дека од 1 јануари 2023 година ќе се укинат граничните контроли во Хрватска на копнените и поморските гранични премини, а од 26 март на аеродромите.

„Хрватска е во Шенген. Нема повеќе граници на нашето европско патување. Ги исполнивме сите услови, поминавме низ долг и тежок процес, а одлуката беше донесена во целосна согласност во Советот за внатрешни работи. Со Хрватска во Шенген придобивка имаат сите – граѓаните, економијата, Хрватска и ЕУ“, напиша министерот за внатрешни работи и вицепремиер на Хрватска Давор Божиновиќ.

И хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на социјалните мрежи потврди дека неговата земја добила едногласна поддршка од Советот за внатрешни работи и правда, наведувајќи дека на 1 јануари следната година Хрватска ќе стане членка на Шенген.

„Ги постигнавме стратешките цели на Владата на Република Хрватска, од кои најголем бенефит ќе имаат граѓаните и стопанството!“, објави Пленковиќ на Фејсбук.

За Хрватска се гласаше поединечно, додека Австрија стави вето на гласањето за Бугарија и Романија.

Виена ја обвинува Романија дека е дел од западнобалканската рута што ја користат илегалните мигранти кои одат во Австрија и се противи на нејзино вклучување во Шенген зоната на Европската унија.

Шенген зоната вклучува територии на 26 европски земји и функционира како област на една држава, со традиционални контроли за оние кои влегуваат и излегуваат од областа, но без контроли на внатрешните граници.

TRT Balkan / агенции
Популарни