Косово работи на набавка на турските беспилотни летала Бајрактар / Photo: AA

Косовскиот министер за регионален развој и претседател на Демократската турска партија на Косово (КДТП) Фикрим Дамка изјави дека Косово работи на набавка на турски борбени беспилотни летала Бајрактар СИХА. Дамка има студирано во Туркије како дел од големиот студентски проект што земјата го започна во 1992 година, а во интервју за Агенција Анадолија (АА) ги коментираше неодамнешните тензии во северно Косово, очекувањата на Туркије за намалување на тензиите, преземените чекори за зголемување на одбранбените способности и се присети на неговите студентски денови.

Дамка истакна дека Косово во сите набавки на оружје влегува со цел одбрана и рече дека земјата сака да купи беспилотни летала Бајрактар СИХА од Туркије.

„Прашањето за Бајрактар, кое е на дневен ред во светот и прашањето за борбените беспилотни летала се исто така на нашата агенда. Нашата земја постојано спроведува студии за ова. Реализирани се посети. Нашиот претседател и министер за одбрана ги посетија леталата на Бајрактар ​​на самото место. Се разбира, ова е долгорочен процес. Секоја држава сака да има такви беспилотни летала во својот дом, во својот воен арсенал“, рече Дамка.

Решение со консензус, а не предизвикување ескалација на тензиите

Коментирајќи ги зголемените тензии на северот на Косово во последниот период, Дамка нагласи дека се прави она што е потребно за граѓаните во тој регион да добијат услуги поврзани со секојдневниот живот.

„За тоа време Србија треба да се доведе на масата за дијалог и да се постигне конечно решение. Косово не презема потези кои ја зголемуваат тензијата. Немаме обиди да ги отстраниме барикадите. Ние го можеме тоа, но таквите иницијативи можат уште повеќе да ги зголемат тензиите. Дејствуваме во соработка со силите на НАТО во Косово (КФОР), НАТО, ЕУ и САД. Се обидуваме да ја решиме ситуацијата со консензус, а не да ја ескалираме“, рече Дамка.

Тој исто така наведе дека за Косово е неприфатливо барањето на Србија за формирање Заедница на српски општини со права слични на автономија на северот, што Белград го наведува како услов за постигнување конечен мировен договор со Приштина.

Наведувајќи дека Туркије внимателно го следи развојот на настаните преку своите институции во регионот, Дамка рече дека сите земји се во состојба на готовност за да се спречи евентуален судир на Балканот, особено меѓу Косово и Србија.

„Република Туркије, која има збор на Балканот, исто така е нервозна за ова прашање. Постои дијалог кој го води Министерството за надворешни работи, кое постојано ги следи настаните и води дијалог и со Косово и со Србија. Туркије ги дава потребните придонеси во овој поглед. Имаме турски војници во составот на КФОР. Гледаме дека амбасадата и другите институции прават напори да го вратат мирот на северот“, рече Дамка.

Предности на студирањето во Туркије

Дамка понатаму истакна дека студирал во Туркије и учел од многу вредни професори, како што е Сабахатин Заим на Економскиот факултет на Универзитетот во Истанбул и додаде дека тоа му донело многу придобивки во животот и кариерата.

Тој рече дека бил член на првата генерација која од поранешна Југославија заминала да студира во Туркије и била таму за време на војните на Балканот.

„Еден од моментите кои никогаш не можам да ги заборавам беа бегалците кои бегаа од Босна и Херцеговина, кои ги видов на железничката станица Сиркеџи. Работевме како преведувачи во полицискиот штаб во Чагалоглу. Преведувавме и им помагавме на нашите браќа бегалци кои дојдоа од Босна“, рече Дамка.

Тој истакна дека странските студенти кои студираат во Туркије дејствуваат како мост во развојот на односите меѓу нивните земји и Туркије.

„Ние, младите кои студиравме во Туркије, имаме посилни врски со таа земја, без разлика на нашата националност, дали сме Турци, Бошњаци, Албанци“, рече Дамка и додаде дека неговото образование во Туркије многу придонело за неговото доаѓање до функцијата министер.

AA
Популарни