Мицкоски уште еднаш потенцирал дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми / Photo: Влада на РСМ

Процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија да се темели на постигнувања, а не билатерални прашања, порача денеска од Брисел премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека на средбите уште еднаш потенцирал „дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор не е прифатлив“, како и дека „остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“.

Ова е пораката на премиерот од средбата со претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и работниот ручек со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за планот за раст на Западен Балкан денеска во Брисел.

Мицкоски е дециден дека процесот на интеграција во Унијата мора да се темели на оценка за постигнувањата, а не на билатерални прашања кои како што вели, ќе бидат одлучувачки фактор.

„Речиси две и пол децении откако го почнавме овој евроинтеграционен процес сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатеризација на претпристапниот процес. Она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да почнеме преговори во коишто ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Поради прашања кои се поврзани во средниот век не можеме да се развиваме како држава во 21 и 22 век. “

Мицкоски уште еднаш потенцирал дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите.

„Простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин.Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“.

Пред средбата со Мишел, Мицкоски присуствуваше на работниот ручек на Урсула фон дер Лајен со лидерите на шесте држави од Западен Балкан.

Мицкоски рече дека меѓу другото порачал и дека земјава е подготвена на конструктивност и фокусираност за исполнување на оваа стратешка цел и ако има желба кај Брисел тогаш има и начин.

„Ние бевме понижени на овој пат. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, банкноти, устав неколку пати, име. Што се не направивме за да покажеме дека сакаме да бидеме дел од европското семејство. Некој ќе ми каже дека е ова правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум. Јас сум подготвен со секого да разговарам.“

На работната посета во Брисел во придружба на Мицкоски се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани.

Мицкоски, според најавите попладнево ќе има средби и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји како и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, Јан Копман.

TRT Balkan / агенции
Популарни