Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изјави дека земјата, уште од почетокот на 90-тите години, кога ја прогласи својата независност па сѐ до денес, секогаш добивала максимална поддршка од Туркије, која ѝ помага на патот кон нејзиното членство во меѓународните организации, но и во економската област со бројни инвестиции.
Во интервју за Агенција Анадолија (АА), по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Туркије, што се одбележува в петок, 26 август, претседателот Пендаровски рече дека односите меѓу двете земји се на „исклучително високо ниво“.
„И политички, и економски, и во нашата соработка во меѓународните организации секојпат сме добивале максимална поддршка од Турција [Туркије] и обратно. Мислам дека не може поинаку и да биде, со оглед на историските врски кои ги имаме, на огромната дијаспора која од тука е отселена во Турција и обратно, мислам како мост на соработка. И сите претпоставки се таа соработка да се развива и понатаму во интерес на двете држави и двата народа“, рече Пендаровски.
Поддршката од Туркије при зачленување на Северна Македонија во НАТО Македонскиот претседател нагласи дека улогата на Туркије беше огромна при зачленувањето на Северна Македонија во меѓународните организации, особено во зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.
Тој како пример ги спомна документите на НАТО, во кои уште од првичната кандидатура на Северна Македонија за членство во 1999 година, земјата се именуваше како Поранешна Југословенска Република Македонија, но насекаде имаше фуснота во која пишуваше „Турција ја признава оваа држава под името Република Македонија“.
„Јасно е дека политичката поддршка за наше повидливо и пошироко меѓународно етаблирање беше неспорно од страна на Турција [Туркије] сите тие години, и ден-денес е така“, додаде Пендаровски.
Пендаровски ја пофали Туркије како „стара членка на меѓународната заедница“, истакнувајќи дека следната година Туркије ќе ја прослави 100-годишнината од своето постоење од 1923 година.
„Турција [Туркије] има стара традиција уште од претходните времиња и е една од најстарите држави со најстари култури и традиции, една од најстарите дипломатии, така што имаме уште многу работи што треба да ги научиме од Турција [Туркије] во тој дел, како се структурира еден државен организам, една државна структура“, рече Пендаровски.
Претседателот Пендаровски напомена дека Туркије е меѓу првите земји што ја призна независноста на Северна Македонија во 1991 година и испрати свој амбасадор во Скопје, моменти кои македонскиот претседател ги опиша како „најемоционални“ во односите меѓу двете земји, но и „во политичка смисла, најсуштински момент за етаблирање на Владата и македонската држава во тој период“.
„Секоја четврта компанија во Северна Македонија има турски капитал“
Претседателот Пендаровски зборуваше и за трговските и економските односи меѓу Северна Македонија и Туркије, нагласувајќи дека од почетокот на 2000-тите „почнува нагло зголемување" на обемот на трговската размена. Пендаровски истакна дека во Северна] Македонија има околу 1.350 фирми со странски капитал,а дека „секоја четврта има турски капитал.“
Пендаровски оцени дека од аспект на Северна Македонија нема отворено прашање што ги оптоварува билатералните односи меѓу Анкара и Скопје.
Според македонскиот претседател, Туркије имала, има и ќе има прилично конструктивна и позитивна улога на Балканот. Како што истакна Пендаровски, Туркије има балансиран пристап кон целиот Балкан, без разлика на верската или етничката припадност на граѓаните што живеат во земјата.
„Турција [Туркије] никогаш на Балканот, ако сакате и на Западен Балкан посебно, немала некаква улога или влијание кое ќе ги подели народите во регионот. Никогаш не била за едни, а против други. Пример, Турција [Туркије] како доминантна муслиманска држава и општество, има прилична бројка на посети, инвестиции и одлична соработка, колку што можам да видам, да речам, со Србија. Значи не може да кажеме дека Турција е свртена само кон Босна и Херцеговина, како што некои мислат, туку е буквално [свртена] кон сите држави на Западен Балкан подеднакво“, истакна Пендаровски.
„Имиџот на Туркије како држава има висока вредност во светот“ Претседателот на Северна Македонија зборуваше и за руската војна во Украина и улогата на Туркије како медијатор.
„Последниот договор за извоз на пченица и житарици, украински, кој го постигнаа по часови и денови преговори помеѓу руската и украинската страна, Турција [Туркије] беше медијатор. Во овој момент не верувам дека има некоја друга држава во светот која може да одржува подеднакви релации и со Украина и со Русија за општо добро, инаку можеше да настане голем глад во некои делови во светот, особено во Африка, ако тоа не се направеше“, нагласи Пендаровски.
Според претседателот Пендаровски „договорот за извоз на украински житарици е само доказ дека личниот ангажман на претседателот Ердоган и целокупната турска дипломатија, но и имиџот на Туркије како држава имаат висока вредност во светот, што овозможија постигнување ваков договор.“
Околу прашањето дали најтешкото е надминато во преговорите со соседна Бугарија, претседателот Пендаровски рече дека тоа зависи од однесувањето на официјална Софија.
Незаинтересираноста на неколку европски држави за Балканот
Говорејќи за досегашниот евроинтегративен пат на Северна Македонија, Пендаровски рече дека не е задоволен, со оглед на тоа што по 17 години чекање со статус на кандидат, конечно почнуваат преговорите за зачленување.
Според претседателот, чекањето не се должи толку на недостигот на реформи, туку и на отворените блокади. Тој, исто така, тврди дека и „неколку европски држави не беа заинтересирани за регионот на Балканот“.
„Босна и Херцеговина и Косово се апсолутно заборавени држави, апсолутно заборавени држави. Косово не може да добие визна либерализација. И сега ти каков евроентузијазам сакаш кај тоа население, да биде за Европска Унија?!“, истакна Пендаровски.
Потсетувајќи дека Црна Гора и Србија преговараат веќе десет години за членство во ЕУ, тој истакна дека сите држави од Западен Балкан чекаат да напредуваат кон Европската Унија.