Како регионот ќе се справи со недостигот и високите цени на електрична енергија?     Фото: Reuters

Владини делегации на Северна македонија, Албанија и Србија овие два дена во Тирана во рамки на проектот „Отворен Балкан” разговараат и за координирано дејствување поради можен недостиг на електрична енергија. Дел од државите од регионот веќе најавија и рестрикции како метод на справување со недостатокот на електрична енергија од есен додека други најавија воведување кризна состојба.

Рама: Немаме доволно струја, можни се рестрикции

Албанскиот премиер Еди Рама предупреди дека се можни рестрикцци на електрична енергија бидејќи земјата не добила доволно струја. Тој додаде дека владата подготвила план за вонредна заштита на електрична енергија во кој се предвидува и рестрикција во случај на потреба.

Тој побара од граѓаните да штедат електрична енергија. Дневната потрошувачка на електрична енергија во Албанија е околу 25 милиони киловат часови.

Кризна состојба во Северна Македонија

Во Северна Македонија не се очекуваат рестрикции на електрична енергија, но веројатно повторно ќе биде прогласена кризна состојба во електроенергетскиот сектор за да се неутрализираат негативните ефекти од зголемената потрошувачка во домаќинствата. Според македонскиот министер за економија Крешник Бектеши. рестрикции нема да има и доколку земјата има забрана за увоз на електрична енергија и гас.

„Не очекува многу непредвидлива зима на енергетски план која не зависи само од Северна Македонија или од регионот туку од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина”, изјави Бектеши.

Во Северна Македонија беа воведени три блок тарифи. Последното поскапување за сите три блок тарифи беше 7,4 отсто.

Поскапување од 10 отсто во Србија

Во Србија, според најавите, засега не се предвидени рестрикции, но можно е поскапување на струјата од 10 отсто. Според српската министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ Србија има кризен план за ваква ситуација. Сепак таа најави поскапување од 10 отсто.

Во најтоплите денови потрошувачката била и до 92 милиони киловат часови. Србија увезува 6 до 12 отсто од потребите за електрична енергија, но според Михајловиќ можно е тоа да порасне на 20 до 30 отсто.

Дека во Србија не се планирани рестрикции соопшти и српското електростопанство

Не се најавени рестриктивни мерки во БиХ

Ниту „Електропривреда БиХ” надлежна за снабдување на територија на Федерацијата БиХ не планира рестрикции. Тоа компанијата го наведува во едно од последните соопштенија. Во него е наведено дека тоа се должи на навремени и соодветни одлуки на компанијата.

„Благодарение на преземените активности „Електропривреда БиХ” ќе обезбеди доволни количини електрична енергија за своите купувачи во претстојниот период во кој се очекува значително повисока потрошувачка. Наша стратешка цел е консолидација на јагленот по сите асортимани за обезбедување доволно количини со кој ќе биде овозможена непречена работа на термоелектраните и стабилно снабдување на купувачите”, се вели во соопштението на компанијата.

Парламентот на БиХ на крајот на минатата година донесе закон според кој цената на струјата не може да порасне повеќе од 20 проценти

Црногорците треба да штедат за да се избегнат рестрикции

Црногорското електростопанство ги повика граѓаните да штедат електрична енергија за да се спречат рестрикции.

„Силната енергетска криза проследена со се поголем недостаток на електрична енергија и вртоглав раст на цените на пазарот кои моментално достигнуваат и до 510 евра по мегават час дополнително ја отежнуваат и онака сложената енергетска ситуација во нашата земја. Заради тоа е важно електричната енергија да се троши крајно рационално како би избегнале ситуација во која би морале да применуваме плански рестрикции на домаќинствата”, се вели во соопштението на „Електропривреда Црна Гора”

Проценките во Црна Гора се дека за увоз на струја во третиот квартал од годинава ќе бидат потрошени 55 милиони евра. Во првата половина на годината земјата за увоз на струја платила 80,7 милиони евра, а за истиот период минатата година за увоз на струја државата издвоила 21,4 милиони евра.

Косово почувствува рестрикции минатата година

Во Косово кон крајот на минатата година беа воведени рестрикции во снабдувањето со струја. Рестрикциите се состоеа од два прекини дневно од по два часа. Надлежните најавуваат тешка зима. Оваа земја исто така дел од потребите ги задоволува преку увоз. Потребите се околу 1.300 мегават часови, а производствените можности се 800 мегават часови.

TRT Balkan
Популарни