Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Тирана се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во прва посета на балканската земја која е коорганизатор на Самитот Украина-Југоисточна Европа.
Рама на социјалните мрежи напиша дека првпат бил домаќин на претседателот на Украина Володимир Зеленски, според него „лидерот на херојскиот отпор“.
Во соопштението од кабинетот на премиерот на Албанија, се наведува дека Рама и Зеленски оствариле меѓусебна средба, по што следела средба на делегациите на двете земји.
„Денешниот самит е состанок на солидарност и натамошна посветеност на демократиите на земјите против руската агресија, на кој ќе разговараат за тоа како можат да дејствуваат заедно и да и дадат поддршка на Украина, како и да придонесат за безбедноста и стабилноста на регионот и Европа. “ се вели во соопштението.
Самитот Украина - Југоисточна Европа ќе се одржи на 28 и 29 февруари, а ќе учествуваат 13 земји од Југоисточна Европа, претставени од претседатели или премиери, како и претставници од Европската унија и други меѓународни институции.