Вучиќ и Радев на увид на почетокот на изградбата на гасниот интерконектор                Фото: АА

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Бугарија, Румен Радев, го посетија градилиштето во Костинброд, во близина на Софија, каде денеска започнаа работите на изградба на гасен интерконектор меѓу Србија и Бугарија, соопшти Владата на Србија.

Присуствуваа и министрите за рударство и енергетика на двете земји Дубравка Ѓедовиќ и Росен Христов, како и извршниот директор на „Србијагас“ Душан Бајатовиќ и „Булгартрансгаз“ Владимир Малинов.

Еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон преку видео порака им честиташе на Бугарија и Србија за почетокот на изградбата на гасната интерконекција од бугарска страна.

„Ова е важен момент во сегашната ситуација, бидејќи двете земји, како и целиот регион, ќе можат да ги диверзифицираат изворите на снабдување со гас и да овозможат стабилно снабдување на потрошувачите, како и да ја намалат зависноста од рускиот гас“, рече Симсон.

Таа додаде дека ова е значаен чекор за целиот регион, поради што Европската комисија го поддржала проектот.

Меѓусистемскиот гасовод „Бугарија - Србија“ (IBS) во Србија ќе биде долг 109 километри, а вкупната должина на двонасочниот гасовод низ двете земји е 170 километри, од Нови Искар кај Софија до Ниш. Капацитетот на гасоводот е 1,8 милијарди кубни метри гас годишно и е проект од заеднички интерес за ЕУ.

Како што е најавено, вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш - Димитровград - Бугарија, според проценката на Европската инвестициска банка, изнесува 85,5 милиони евра, од кои ЕИБ дава 25 милиони евра во форма на заем, 49,6 милиони се неповратно кофинансирање на ЕУ од ИПА фондовите, додека останатите трошоци ќе бидат покриени од буџетот на Србија и сопствени средства на ЈП „Србијагас“.

Главен изведувач е компанијата „Главболгарстрој“, а работите опфаќаат изградба на двонасочниот главен гасен интерконектор МГ10 Ниш - Димитровград на територијата на Србија, меѓу системот за природен гас на Србија и Бугарија, како и изградба на четири мерно регулациони станици и придружни објекти.

Се очекува, како што е најавено, гасната интерконекција меѓу двете земји да биде подготвена за оперативна работа кон средината на оваа година.

AA
Популарни