Српскиот претседател Вучиќ притоа рече дека претставниците на Србите од Косово го поддржале раководството на Србија да трага по компромисно решение и додаде дека барале и добиле гаранции дека прогонот и протерувањето на Србите нема да се случи.
Вучиќ истакна дека претставниците на Србите му рекле дека доколку не се прекине со ваквиот прогон, во наредните месец дена најпрвин ќе дојде до напуштање на приштинските институции од страна на српските политичари, а потоа до крајот на септември институциите ќе ги напуштат и полицајци и судии и обвинители.
„Нема да постојат бегалски колони“
Ќе дојде, како што укажува, до потполно разградување на бриселскиот поредок.
„Србите веќе не сакаат да бидат било чии заложници“, истакна Вучиќ во обраќањето на јавноста и нагласи дека Србите ќе имаат потполна поддршка.
Тој нагласи дека нема да постојат бегалски колони и ќе ги „сочува Србите од прогон“.
„Уште од 1999 година се спроведува перманентен терор врз српското население. Тоа резултираше со прогон на повеќе од 200.000 Срби од Косово“, рече Вучиќ и порача дека трае тешката, макотрпна и јалова борба за опстанок на српскиот народ и Србија во Косово.
Тој истакна дека „сега во Косово се решителни да ги протераат Србите“ и дека тој во таа смисла има четири задачи.
„Прво, да го сочуваме мирот, сигурноста и безбедноста. Второ, моравме да ја избегнеме осудата дека не бевме доволно компромисни, да не дојдовме со идеи за да не дојде до компромис. Трето, моравме да се грижиме за тоа дали ќе бидеме прогласени за некој кој спроведува агресија, воведува несигурност и нестабилност“, рече Вучиќ и додаде дека четвртата задача е да се обезбеди опстанок на српскиот народ во Косово.
„По сите закани на албанското раководство завладеа страв. Во согласност со тоа, наше беше денес да им кажеме на луѓето, иако знаеме колку тоа е денес тешко, во услови во кои повеќе не се хипотетички, ние немаме каде, доведени сме до ќош. Нашата клучна порака беше: Што и да биде, како и да биде, бегалски колони нема да постојат и ќе го сочуваме нашиот народ од прогон“, порача Вучиќ.
Вучиќ: НАТО да ја извршува својата работа
Вучиќ го повика НАТО да ја извршува својата работа, да обезбеди мир на Србите во Косово и како што рече, да не бидат загрозени од албанската полиција.
„Ваше е да обезбедите бандата да не го поминува Ибар. За вас барикадите се проблем, а не криминалните одлуки“, рече Вучиќ во обраќањето до јавноста.
Говорејќи за преговорите во Брисел, Вучиќ рече дека Приштина има две цели, а тоа се укинување на државата Србија на Косово и протерување на Србите.
Белград предложи КС таблички кои се статусно неутрални, наведе српскиот претседател, но премиерот на Косово Албин Курти рече дека сите мораат да имаат „РКС таблички“.
„Смислата на сето тоа е што и да прифатиме и не прифатиме ние, тие одбиваат сѐ“, рече Вучиќ.
Неуспех од преговорите во Брисел
Вучиќ во Белград ги повика претставниците на Србите од Косово по неуспешните преговори во Брисел. Властите во Косово планираат од први септември да почне примена на одлуката за отстранување на српските таблички од автомобилите и неважење на српските документи за идентификација.
Вучиќ во четвртокот од Брисел, каде учествуваше во разговорите на Белград и Приштина, порача дека тоа беше тежок ден за Србија и нагласи дека ќе продолжи да се бори за мир и стабилност.
За 10 дена Приштина, според најавите, ќе ги примени одлуките за пререгистрација на возилата и личните карти, од што првобитно се откажа кон крајот на јули.
На подигнувањето на тензиите реагираше и мисијата на КФОР, која соопшти дека долж административните премини Јариње и Брњак на северот на Косово, го зајакнува присуството и патролирањето за да се зголеми свеста за ситуацијата. Спремни се, како што додадоа, да интервенираат, доколку биде потребно.