Србија не сака ниту посредно ниту непосредно да ја признае независноста на Косово     Фото: АА

Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека евентуален судир на Косово би имал катастрофални последици за Србија. Во говорот пред пратениците во Парламентот на посебната седница за преговорите Белград – Приштина од 15 јуни 2021 до 15 септември оваа година Вучиќ истакна дека Србија нема намера да отпочнува конфликти.

„Како врховен командант немам намера да ги праќам нашите деца во војна. Но доколку нашите деца, мајки, татковци бидат нападнати, ќе умееме да ги одбраниме, верувајте ми на зборот”, рече српскиот претседател.

Претставувајќи го извештајот за преговорите Вучиќ рече дека се додека може да влијае Србија не сака ниту посредно ниту непосредно да ја признае независноста на Косово, ниту да се откаже од легитимната борба за државните и националните интереси и меѓународното право.

Според Вучиќ политиката на Србија по прашањето на Косово е меѓу посакуваното и возможното и додека народот има максималистички барања, можностите на државата се ограничени.

Тој ги повика граѓаните да бидат рационални и реални и да знаат што е можно.

„Се друго е загуба и пусти соништа и никогаш нема да ги оствариме”, рече Вучиќ.

Тој заклучи дека нема да биде можно да се постигне договор со сегашното раководство во Приштина. Вучиќ смета дека притисокот на меѓународната заедница ќе се зголемува бидејќи од компромисот им е многу поважно да се оди кон тоа Србија да оди кон неформално, суштинско признавање на Косово.

AA
Популарни