Американската компанија Гугл во средата го објави лансирањето на најновиот модел на вештачка интелигенција (АИ) Џемини 2.0 (Gemini 2.0), неговиот најнапреден модел со вештачка интелигенција досега, во екот на глобалниот натпревар за водечка позиција во оваа сфера на напредна технологија.
Директорот на компанијата Сундар Пикај изјави дека новиот модел ќе го означи „почетокот на новата технолошка ера во развојот на вештачката интелигенција, со модели на вештачка интелигенција дизајнирани самостојно да донесуваат одлуки за светот околу вас“.
„Целта на Џемини 2.0 е да ги направи информациите многу покорисни. Овие достигнувања нè доближуваат до напредната визија за универзален асистент“, рече Пикај, нагласувајќи ја подобрената способност на овој модел да го разбере контекстот, да размислува неколку чекори напред и да преземе одредени дејства во име на корисникот.
Лансирањето на Џемини 2.0 предизвика зголемување на вредноста на акциите на Гугл на Волстрит за повеќе од четири отсто, само еден ден откако акциите на Гугл веќе пораснаа за 3,5 отсто по лансирањето на новиот, револуционерен квантен чип.
Компанијата во вторникот претстави квантен чип Вилоу (Willow) способен да решава сложени проблеми за неколку минути, додека денес на најбрзиот суперкомпјутер ќе му требаат 10 септилиони години за да реши такви сложени операции (септилион е милион на седми степен).