Во рок од една деценија, околу 39 отсто од времето поминато на домашни работи и грижата за најблиските би можело да се автоматизира, велат експертите.
Научниците од Велика Британија и Јапонија побараа од 65 експерти за вештачка интелигенција (ВИ) да го предвидат степенот на автоматизација на вообичаените домашни работи за 10 години.
Експертите предвидуваат дека купувањето на намирници најверојатно ќе има најголем степен на автоматизација, додека грижата за младите или постарите е најмалку веројатно да биде засегната од вештачката интелигенција.
Научниците од Универзитетот во Оксфорд и од јапонскиот Универзитет Очаномизу сакаа да го дознаат влијанието што може да го имаат роботите врз неплатената работа во домаќинството.
„Ако роботите ни ги преземат работните места, дали барем ќе го фрлаат и ѓубрето наместо нас“, прашаа тие.
Роботите „за домашни работи“, како што се роботските правосмукалки, „станаа најпроизведените и најпродаваните роботи во светот“, забележаа научниците.
За ова истражување биле консултирани 29 експерти за вештачка интелигенција од Велика Британија и 36 експерти за вештачка интелигенција од Јапонија. Секој ги дал своите предвидувања за роботите во домот.
Експертите од Обединетото Кралство беа пооптимисти за домашната автоматизација во споредба со нивните колеги, додека ситуацијата беше обратна во Јапонија.
Но, задачите за кои експертите мислеа дека може да се автоматизираат беа различни.
„Само 28 отсто од работата во делот на грижата, вклучително и активности како што се подучување дете, придружување дете или грижа за постар член на семејството, се предвидува дека ќе бидат автоматизирани“, рече д-р Лулу Ши, социолог на Универзитетот во Оксфорд.
Од друга страна, се очекува технологијата да намали 60 отсто од времето што го поминуваме во купување намирници, велат експертите.
Предвидувањата дека „во следните десет години“ роботите ќе не ослободат од домашните обврски имаат долга историја и може да се оправда одредениот скептицизам. Во 1966 година, во телевизиското шоу „Tomorrow's World“ беше презентиран домашен робот кој може да готви вечера, да го шета кучето, да чува деца, да купува, да меша коктели и да извршува многу други задачи.
Кога би биле дадени само милион фунти на неговите креатори, уредот би можел да биде во функција веќе до 1976 година, беше соопштено во телевизиското шоу...
Екатерина Хертог, вонреден професор по вештачка интелигенција и општество на Универзитетот во Оксфорд и еден од авторите на студијата, повлекува паралели со оптимизмот што долго време ги опкружува самоуправувачките автомобили.
„Мислам дека ветувањето за самоуправувачки автомобили на улиците, замена на таксито, постои со децении - а сепак не успеавме да направиме роботите да работат доволно добро или овие самоуправувачки автомобили да се движат низ непредвидливата средина на нашите улици. Домовите се слични во таа смисла“, велат авторите.
Д-р. Кејт Девлин, предавач по вештачка интелигенција и општество на Кралскиот колеџ во Лондон, која не беше вклучена во студијата, вели дека технологијата е поверојатно да им помогне на луѓето, наместо да ги замени.
„Тешко и скапо е да се направи робот кој може да извршува повеќе или општи задачи. Наместо тоа, полесно и покорисно е да се создаде помошна технологија која ќе ни помогне, а не која ќе не замени“, рече таа.
Истражувањата покажуваат дека автоматизацијата може да ослободи многу време потрошено на неплатени домашни работи. Во Обединетото Кралство, мажите на работоспособна возраст вршат околу 50 отсто помалку од оваа неплатена работа отколку жените на работоспособна возраст, додека во Јапонија мажите работат помалку од една петтина.
Непропорционалното оптоварување со домашната работа на жените негативно се одразува на женскиот приход, заштедите и пензиите, тврди проф. Хертог.
Затоа, зголемената автоматизација може да резултира со поголема родова еднаквост, велат научниците.
Сепак, технологијата може да биде скапа. Ако системите за домашна помош се достапни само за подгрупа на општеството, тоа ќе доведе до зголемена нееднаквост, рече Хертог.