Македонците во Грција се песимисти дека наскоро македонскиот јазик може да се изучува во училиштата     Фото: ТРТ Балкан / Photo: ТРТ Балкан

Изучување на македонскиот литературен јазик во Грција преку интернет, поддршка за воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во грчките училишта и универзитети, обука на наставен кадар по македонски јазик и изработка на наставни програми и материјали. Ова се главните цели на Центарот за македонски јазик во Грција, невладина организација која минатиот месец беше регистрирана од судските власти во земјата. Три и пол месеци изминаа од регистрацијата до впишувањето во билтенот за судски одлуки и публикации.

Од Центарот велат дека овој чин де факто значи признавање на македонското говорно население. И повикуваат да им се придружат сите говорители на македонскиот јазик.

„Ги повикуваме сите говорители на македонскиот јазик и неговите богати дијалекти во Грција, како и сите демократски ориентирани граѓани во државата, да ни се придружат во нашите напори за постигнување на соодветно и официјално признавање, кое сите ние го заслужуваме. Македонскиот јазик е наше минато и наша иднина“, се вели во соопштението на Центарот.

Македонски во грчките училишта (не) остварлива мисија?

Македонците во Грција позитивно гледаат на овој исчекор, но се песимисти во однос на една од крајните цели на Центарот, односно воведувањето на македонскиот јазик во грчките училишта. Така размислува и Павле Воскопулос, член на раководството на Виножито, партија на Македонците во Грција. За тоа наведува неколку фактори.

„Во Грција кај луѓето кои говорат македонски јазик постои ниско ниво на свест за дополнително изучување. Секако дека ќе го поддржиме изучувањето на македонскиот јазик преку интернет, но за нешто повеќе треба да се покаже и интерес од младите генерации кои живеат во Грција. Изучувањето на македонскиот јазик може да се популаризира преку одење на терен. Сметам дека во Грција нема да има скоро училишта во кои ќе се учи македонски јазик”, вели Воскопулос за ТРТ Балкан.

Политиката на Грција околу малцинските прашања и изменетите приоритети на младите се дополнителен проблем, смета Воскопулос.

„Последните децении приоритет за младите е добра перспектива и квалитетен живот Македонското, особено јазичното прашање, е секундарно. Ако во фамилијата имаат баба или дедо што зборуваат македонски јазик ќе го знаат и тие, ако не јазикот ќе се изгуби. Од друга стана не е лесно декларирањето како Македонец особено во малите средини. Стегите се резултат на грчката политика која не признава различност на национална основа”, вели членот на раководството на Виножито.

Заев: Тоа се плодовите од Преспа

Во Скопје не изостанаа реакциите за отворањето на Центарот за македонски јазик во Грција. Поранешниот македонски премиер Зоран Заев го оквалификува како придобивка од Преспанскиот договор.

„Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите кои зборуваме македонски јазик, на сите Македонци”, напиша Заев на Фејсбук.

Со позитивна реакција се јави и екс министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

„Вистинските компромиси ги смируваат, не ги влошуваат односите бидејќи се грижат за суштинското на двете страни”, напиша Димитров на Фејсбук.

На основањето на Центарот за македонски јазик во Грција позитивно реагираа и дел од политичките партии во Северна Македонија.

TRT Balkan / агенции
Популарни