Енергетската криза во фокусот на средбата Ковачевски - Мицотакис     Фото: АА

Снабдување со јаглен и лигнит од рудниците во Грција, снабдување со мазут и можна грчка инвестиција во изградба на гасна централа до 200 мегавати. Ова како што изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска го договорил на средбата со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис во Атина. Евентуалните забрани за извоз од Грција нема да важат за Северна Македонија.

Енергетската криза и соработката за во пресрет на тешката зима била во фокусот на разговорите меѓу Ковачевски и Мицотакис.

„Снабдувањето со лигнит и јаглен од рудниците од Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година. Со тоа ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети во РЕК Осломеј и РЕК Битола. Снабдувањето со мазут преку Грција ќе биде како и досега за да може непречено да функционира ТЕЦ Неготино“, изјави премеиерот на Северна Македонија.

Двајцата премиери разговарале и за проектите за енергетска трансформација како гасоводот преку Грција, интерконекторот Евзони до Северна Македонија како и можната грчка инвестиција во гасна централа.

„Веќе се отпочнати анализи и кога ќе бидат завршени ќе може оваа инвестиција да биде претставена во Владата и во Собранието како инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини електрична енергија за Северна Македонија, но и за регионот, изјави Ковачевски.

Оваа инвестиција би ја реализирала грчката компанија Митилинеос. Гасната електрана треба да произведува електрична и топлинска енергија.

Мицотакис ја повторил поддршката од Грција за Северна Македонија за интеграциите во ЕУ и полесно справување со енергетската криза.

„Верувам дека е во взаемен интерес остварување на инвестиции на грчки компании во Северна Македонија со цел да ги поврземе нашите инфраструктури на таков начин што ќе се зголемат енергетските врски меѓу нашите две земји, рече грчкиот премиер на почетокот од средбата.

TRT Balkan / агенции
Популарни