„Да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално производство на сопствена енергија, ќе биде целта на Владата во претстојниот период“, изјави по денешната седница на Советот за безбедност премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
Тој посочи дека најтешкиот период почнува на 1 октомври и ќе трае до април 2023 година или до почетокот на следното лето. Целта, според Ковачевски, е на сите граѓани, ученици, студенти и бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена, задржување на евтината тарифа и 24 часовна достапност.
„Ова е ужасно тешка ситуација и немам намера тоа да го правдам. Оваа есен, зима, следната пролет се најтешки во повоената македонска држава и ние тоа ќе го пребродиме заедно. Планот е договорен, денеска презентиран и веќе се работи на негова реализација. Се работи и на нов енергетски план за следната пролет, како и на план за максимално зголемување на производството на храна. Државата, е подготвена за она што следува”, истакна Ковачевски.
Македонскиот премиер најави зголемување на домашното производство за 25 проценти и субвенционирање на цената на струјата за граѓаните.
„Реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода.“, рече Ковачевски.
Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски рече дека го свикал Советот за безбедност затоа што сметал дека е важно да се слушнат надлежните на тема што ги засега сите.
„Не е тајна дека не очекува тешка зима“, изјави Пендаровски.