Османи: ОБСЕ може да ја зголеми довербата и да обезбеди предвидливост / Photo: МИА

Tимовите на Северна Македонија во Скопје и во Виена ќе бидат целосно посветени на мисијата. Почестени сме и горди што ќе бидеме на кормилото на ОБСЕ во 2023 и што ќе бидеме чувари на нашите вредности и обврски. Вредностите на ОБСЕ денеска се поважни од кога и да било, изјави денеска во Виена шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во улога на претседавач на ОБСЕ на заедничката прес-конференција со генералната секретарка на организацијата Хелга Марија Шмид.

Според Османи најголемиот предизвик во имплементацијата на нашата агенда ќе биде во контекст на тешките околности, a единството околу принципите и заложбите на ОБСЕ се изворот на надеж и охрабрување.

„Руската воена агресија врз Украина, која ги урива самите основи и заложби на Организацијата, го зајакнува ова единство. Денес, се чини дека нашите вредности се поважни од кога било. Актуелните предизвици не се причина за дефетизам, туку поттик за засилување на нашите напори и ангажман”, истакна Османи.

Тој смета дека треба да се создадат услови за зголемување на потенцијалот на организацијата. И дека се докажало дека ОБСЕ може да ја големи довербата и да обезбеди предвидливост.

Генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Марија Шмид се согласи со Османи дека во фокусот на органзиацијата се луѓето. Таа изрази очекување дека ОБСЕ ќе одговори на предизвиците на денешнината, посочувајќи дека ќе ја даде целосната поддршка на македонското претседавање со ОБСЕ, како и на останатите земји-членки на организацијата во наредните месеци.

TRT Balkan / агенции
Популарни