Евроинтеграцијата на Северна Македонија, билатералните односи меѓу Северна Македонија и Белгија, економската соработка и политичките текови беа дел од темите на разговор меѓу македонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот на Белгија Александер Кро денеска во Брисел.
Според соопштението од кабинетот на Пендаровски, тој го поздравил позитивниот тренд на зајакнување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и оценил дека честите размени на посети на високо ниво дополнително ќе ја продлабочат политичката доверба, а ќе го поттикнат и економскиот развој.
“Соговорниците изразија задоволство од унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји и зголемувањето на белгиските инвестиции во Северна Македонија”, се вели во соопштението.
Пендаровски изрази благодарност до белгискиот премиер за доследната и постојана поддршка на европските интеграции на Северна Македонија и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратегиско значење за регионот.
Во тој контекст беа разменети мислења и ставови за претстојното белгиско претседавање со Европската Унија во првата половина на 2024 година.
На средбата се разговараше и за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, при што беше посочена важноста на партнерството во НАТО во справувањето со геополитичките предизвици наметнати од војната во Украина.