Македонскиот премиер Димитар Ковачевски попладнево го пречека американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој во Скопје ќе учествува на триесетиот Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ.
“Топло добредојде во Скопје за американскиот државен секретар Антони Блинкен. На средбата попладнево уште еднаш ги истакнавме нашите одлични односи и разговаравме за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Северна Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и спроведувањето на потребните реформи”, објави на фејсбук статусот премиерот Ковачевски.
Република Северна Македонија, се додава во објавата на социјалната мрежа, е високо ценета како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан.
“Државниот секретар го поздрави нашето успешно претседавање со ОБСЕ и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата”, се нагласува во објвата на фејсбук статусот на Ковачевски.
Блинкен вечерва треба да учествува на неформалната вечера која му претходи на Министерскиот совет на ОБСЕ кој официјално почнува утре.
Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.
Освен со Ковачевски Блинкен ќе се сретне и со македонскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи.
Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.
На самитот присуство потврди и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.