По средбата одржана во Владата во Скопје, Ковачевски и Марфи одржаа заедничка прес-конференција.

САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во сите нејзини аспирации, а особено кон пристапувањето во ЕУ. Ова е пораката што денеска американскиот сенатор Крис Марфи, кој е во посета на земјата во рамки на регионалната турнеја, му ја пренесе на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

По средбата одржана во Владата во Скопје, Ковачевски и Марфи одржаа заедничка прес-конференција.

Ковачевски нагласи дека нивните чести средби говорат за силната посветеност на сенаторот Марфи кон регионот и за неговата лична и континуирана поддршка на Северна Македонија и на нејзиниот демократски развој, стабилност и просперитет.

Тој рече дека од сенаторот Марфи добил уверување дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во сите нејзини аспирации, а особено кон пристапувањето во ЕУ.

Ковачевски истакна дека разговарале за тоа како да ја зајакнат соработката помеѓу Северна Македонија и САД, посебно во услови додека земјата ги прави следните чекори во европската интеграција.

„Благодарение на поддршката од искрени пријатели како САД, денес Северна Македонија по три декади од својата независност, од земја корисник на меѓународни мировни мисии стана земја фактор на стабилност на Западен Балкан, земја членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ, земја со отпочнати преговори со ЕУ, земја во која се депонирани договорите потпишани во рамки на Берлинскиот процес и земја која е домаќин на преговори помеѓу други држави“, рече Ковачевски.

„САД и Северна Македонија го докажуваат поимот партнерство на дело. Реформските процеси кои се случуваат во нашата земја во изминатите 30 години, се со најсилна поддршка од нашите американски пријатели кои силно се залагаат за демократизација на нашето општество. Три декади со поддршка за систем за добро владеење, борба против корупција и поддршка на демократските процеси во земјата, вклучително и зајакнување и унапредување на економскиот развој на државата“, додаде премиерот на Северна Македонија.

Осврнувајќи се на партнерството во економијата, Ковачевски рече дека трговската размена со САД лани изнесувала над четврт милијарди долари, потсетувајќи дека во моментот во земјата се наоѓаат 12 големи американски компании.

Марфи: „Би било загрижувачки за земја членка на НАТО, да ѝ го сврти грбот на ЕУ“

Меѓу другото, американскиот сенатор Марфи рече дека САД и Северна Македонија долго време се безбедносни партнери, и дека нивното сојузништво е силно „како што се докажува со нивното единство да се спротивстават на бруталната инвазија на Украина од страна на Русија, осигурувајќи се дека Русија плаќа цена за кршењето на меѓународното право“.

Тој се фокусираше и на силното и растечко економско партнерство меѓу двете земји, додавајќи дека повеќе американски компании работат во оваа земја отколку во минатото.

Марфи истакна дека една од причините за неговата посета е да се осигури дека САД испраќаат многу силна порака до владините партнери, членовите на Парламентот и народот на Северна Македонија, дека „ја поддржуваме вашата одлука за пристапување во ЕУ и ве повикуваме да ги преземете потребните чекори за да го овозможите проширувањето“.

„Знам дека патот до ЕУ е долг. Знам дека многу партии имаат легитимни прашања за тоа дали ЕУ е реална можност. Тука сум да ви кажам дека е. Многу луѓе го рекоа истото за НАТО, „Северна Македонија никогаш нема да има покана од НАТО“. Но, вие ги презедовте тешките чекори потребни за да ја овозможите таа покана. Потпишавте историски договор што овозможи таа покана да се случи, а денес Северна Македонија е членка на НАТО-алијансата“, рече Марфи.

Според него, постои нова можност за проширување на ЕУ, бидејќи војната во Украина е криза, но тоа ја разбуди ЕУ да ги држи вратите отворени, додека, како што рече тој, нема начин Украина да влезе во ЕУ без земјите од Балканот.

Марфи нагласи дека уставните измени се јасна можност Северна Македонија да влезе во ЕУ, додавајќи дека со членството во ЕУ ќе има брз економски раст, зголемени плати и повеќе американски компании ќе дојдат во Северна Македонија.

„Исто така, сакам да бидам јасен за влијанието врз односите со САД доколку Северна Македонија тргне по поинаков пат, одлучи против оваа уставна промена и каже „не сме надвор од патот кон ЕУ“. Тоа би било загрижувачки за земја членка на НАТО, за која ветивме дека ќе ја браниме врз основа на нашите заеднички вредности, да му го сврти грбот на ЕУ“, додаде тој.

На средбата присуствуваа и првиот вицепремиер на Северна Македонија, Артан Груби, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, амбасадорката на САД во Скопје, Ангела П. Агелер, како и други официјални претставници.

AA
Популарни