Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, му ја честита победата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вториот круг од претседателските избори во Туркије.
Ковачевски честитката до Ердоган ја објави на својот профил на социјалните мрежи.
„Честитки до Реџеп Таип Ердоган за новиот претседателски мандат“, напиша Ковачевски.
Претседателот на Владата на Северна Македонија нагласи дека големото и традиционално пријателство помеѓу Северна Македонија и Туркије продолжуваат да го развиваат на билатерален и економски план и во рамките на партнерството во НАТО.
„Пред нас се предизвиците на глобален план и уверен сум дека, како и досега, ќе работиме заедно и со уште поголема посветеност на сигурноста и стабилноста на регионот и Европа и мирот во светот“, додаде Ковачевски.
Политичките лидери во Северна Македонија со честитка до Ердоган
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, му ја честитаа победата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вториот круг од претседателските избори во Туркије.
Мицковски честитката за победата на Ердоган ја објави на својот Фејсбук-профил.
„Честитки за значајната и јасна победа на големиот пријател на (Северна) Македонија, Реџеп Таип Ердоган. Посакувам успешен мандат и нови достигнувања на пријателскиот турски народ и пријателска Турција (Туркије)“, напиша Мицковски.
Меѓу другото, претседателот на Алтернатива, Гаши, во својата честитка објавена на социјалните мрежи рече: „Победата на претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, постигната во еден целосно демократски процес, зборува не само за политичката и демократската зрелост на турскиот народ, туку и за благодарноста што граѓаните на Туркије ја имаат за нивното досегашно владеење.“
Гаши му посака успех на Ердоган во следниот мандат и додаде: „Останувам со надеж дека оваа победа ќе произведе соработка, проекти и пријателство за нашите земји, но и за нашиот народ. Честитки!“
Од друга страна, претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац му ја честиташе победата на претседателските избори на Ердоган.
„Само со труд и заложби покажа како се сака својата држава и својот народ на сите полиња. Секој глас даден за него е потврда на неговата макотрпна работа и жртва. Оваа победа е гаранција за просперитет, успех, напредок и економски развој на Туркије и регионот. Оваа победа е гордост на турскиот народ, но и на братските народи на Туркије, меѓу кои и бошњачкиот“, додаде Колашинац.
Претседателот на Врховната изборна комисија на Туркије (ЈСК), Ахмет Јенер, соопшти дека Ердоган победи во вториот круг од претседателските избори во земјата против неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу.
Според неофицијални резултати, актуелниот турски претседател победи во трката со освоени 52,14 отсто од гласовите, додека Киличдароглу доби 47,86 отсто од гласовите, рече Јенер.
Тој додаде дека досега се отворени 99,43 отсто од гласачките кутии.