Северна Македонија рангирана на 36. место според Репортери без граници

Слободата на македонските медиуми напредува, гледано според најновиот годишен извештај на Репортери без граници. Земјата напредува за две позиции во однос на претходната година и сега е на 36. место според слободата на медиумите.

Од регионот Северна Македонија според Индексот на слобода на медиуми е најдобро оценета, а следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, пишува Репортери без граници за македонските медиуми.

Понатаму се оценува дека телевизијата и натаму е најдоминантен медиум за добивање информации, но дека довербата на гледачите опаѓа. Исто така се споменати и онлајн и дигиталните медиуми кои стануваат се поприсутни и влијателни, но од друга страна расте и бројот на портали кои објавуваат копирани содржини и немаат новинарски редакции.

Од политички аспект се оценува дека медиумското опкружување е поволно за слободата на медиумите, но дека владините служби не се доволно транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

Кога е во прашање безбедноста на новинарите се констатира дека тие се често мета на вербални напади, а меѓу другото се посочува и за назначувањето специјален обвинител задолжен за случаите на напади врз новинари.

Правната несигурност преку злоупотреба на тужбите за клевета како форма на заплашување и попречување, и економските притисоци од страна на сопствениците на медиумите и натаму се меѓу најголемите проблеми за македонските новинари.

Првите места на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година им припаѓаат на Норвешка, Данска и Шведска. На листата од 177 земји во светот најлоши оценки за слободата на медиумите имаат Туркемнистан Иран и Северна Кортеја.

MIA
Популарни