Македонската метропола Скопје повторно се најде на листата на 10те најзагадени градови во светот. Според податоците од мерењата кои ги објавува Ај Кју Ер (IQ Air) Скопје е на шестото место според загадениот воздух, и е најзагаден европски град на оваа листа.
Најголем проблем со загадениот воздух во Скопје се ПМ2.5 четистичките, кои се 15 пати повисоки од препорачаните годишни нивоа според водичот за квалитет на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Квалитетот на воздух се мери со индекс (AQI) кој ги опфаќа загадувањата со ПМ2.5 и ПМ10 честичките, како и присуството на озон (О3) и сулфур диоксид (SO2).
Индексот е комбинација на вредностите на сите четири различни вида на штетни елементи во воздухот, па средната позитивна гранична вредност е 50. Секоја оценка над тоа означува дека воздухот е загаден на ниво кое е опасно за здравјето на луѓето.
Според последните мерења на IQ Air Скопје имаше оценка од 161. Останатите градови до второто место на листата имаа оценка до 178 на AQI, додека најзагаден град на светот беше Делхи во Индија со опасна оценка од 414 AQI.
Советот на Град Скопје донесе одлука за итни мерки за заштита на воздухот, но повеќето од нив се интервентни и не го решаваат суштинскиот проблем на загадување на воздухот, кое речиси секоја година се повторува.
Здравствените власти проценуваат дека од загадениот воздух во изминатата година биле предизвикани 5.600 предвремени смртни случаи.