Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот со кој го одобри донесениот Закон за медиуми со чии измени се враќа можноста државните органи да пласираат кампањи во електронските медиуми.
Претседателот, чиј мандат истекува пред да се одржат изборите закажани на 24 април, одлучи да ги одобри законските измени кои беа постигнати со политички компромис на речиси сите поголеми парламентарни партии иако критики за законското решение пристигнаа од професионалните здруженија на новинарите и медиумските работници во Северна Македонија.
Од Кабинетот на Пендаровски посочуваат дека Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Собранието беше донесен без поднесени амандмани од опозицијата, што значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина.
Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, во Законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво.
Измените на Законот го лимитираат буџетот, односно висината на средства кои од државниот буџет ќе можат да се потрошат за кампањи на државно или на локално ниво.
„Законот предвидува постапка, во која централна улога има комисија која е составена од претставници на политичките партии и од власта и од опозицијата, на паритетна основа. Во Законот се прецизирани критериумите според кои можат да конкурираат радиодифузерите, а јасно е дефинирана и постапката за избор на радиодифузери на кои ќе се прикажуваат кампањи на државно или на локално ниво“, се вели во соопштението.
Пендаровски изминатите денови остварил комуникација со сите засегнати страни, односно со тие што биле и „за“ и „против“ Законот.
И во поголемиот број на земји-членки на Европската Унија постои регулатива со која се овозможува кампањи од јавен интерес во медиумите, посочуваат од Кабинетот.