„Длабоко сум убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет просторот“, рече денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски во обраќањето на јавната дискусија на тема „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми, состојба и предизвици“, која се одржа во претседателскиот кабинет.
Според Пендаровски спречувањето на дискриминирачките содржини кои сериозно ги разнишуваат основните темели на секое општество чија цел е инклузивност мора да стане национален приоритет.
„Клучно е сите кои се кријат зад тастатурата да бидат свесни дека се одговорни за кажаното или напишаното. Комуникацијата не смее како сега во голем дел да биде сведена на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза. За таа цел е клучна превенцијата”, рече Пендаровски.
Според Пендаровски, не треба да се дозволи дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и да ги поткопа темелите на општеството кое треба да почива на коректна комуникација.
Јавната дебата се одржа под покровителство на претседателот Пендаовски, а во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.