Уставниот суд на Р.С. Македонија и натаму нема претседател, откако мандатот на досегашната претседателка Добрила Кацарска истече на 2 јуни, а по одржаните внатрешни гласања не беше постигнато мнозинство за ниту еден од кандидатите меѓу уставните судии.
Досега се одржаа две седници за избор на претседател на Уставниот суд, но и по осум рунди на гласање ниту еден од кандидатите не беше избран на оваа функција.
Судиите Ана Павловска-Данева, Татјана Васиќ-Бозаџиева и Осман Кадриу досега беа предложени за кандидати за претседател на Уставниот суд.
Ана Павловска-Данева која доаѓа од Правниот факултет во Скопје се откажа од својата кандидатура, со цел да ја одблокира процедурата, но и оваа постапка не беше доволна за останатите кандидати да ја добијат довербата од своите колеги.
Во меѓувреме Уставниот суд ќе биде управуван колективно од страна на сите членови, додека пак тековната работа како што е прием на предмети по претставки на граѓани и институции ќе продолжи и натаму.
Од Уставниот суд соопштија дека судиите одлучуваат по сопствено убедување и дека според правилата постапката се повторува се додека не се избере претседател со мнозинство гласови од членовите на оваа институција.
Уставниот суд има девет члена кои имаат мандат од 9 години. Претседателот на ова тело има мандат од три години без право на повторен избор.
Уставно-правна криза е возможна доколку судиите не успеат да изберат свој претседател, и според уставните и законски начела нема механизми за надворешно решавање на оваа ситуација, па одредени правници дури сугерираат Собранието целосно да го разреши актуелниот состав и да пристапи кон избор на нови членови на Уставниот суд.