Африм Гаши од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата Влен (Вреди), е избран за нов собраниски спикер, за што доби поддршка од 76 гласови.
Гаши ја доби поддршката од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, пратениците на Влен и на шестте пратеници на ЗНАМ.
Со тоа се оцртаа контурите на новото парламентарно мнозинство како и партиите кои ќе ја формираат идната Влада.
Единствено против изборот на Гаши беа шестте пратеници на Левица, додека пак пратениците на ДУИ и коалицијата „Европски фронт“ ја напуштија седницата кога се гласаше за првиот парламентарец.
По верификување на мандатите на новиот собраниски состав и изборот на собраниски спикер, се очекува набрзо да се гласа и за предлогот на новата Влада.
Мандатот од претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова треба да го добие Христијан Мицкоски претседателот на најголемата парламентарна партија кој демонстрира и дека има поддршка од најмалку 61 пратеник.