Во време на енергетска криза се размислува на сите можни мерки кои ќе доведат до заштеди на ресурси, но и ќе ги заштитат потрошувачите, како граѓаните, така и стопанските субјекти.
Владата на Република Северна Македонија веќе работи на анализа дали со задржување на летното сметање на времето ќе се постигнат заштеди во енергетиката и како тоа ќе се одрази на корисниците.
„Ја анализираме близината на нашата со друга временска зона, како Грција и Бугарија, што тоа значи во однос на оставање на летното сметање на времето, визави другите земји кои имаат исто така летно сметање на времето како кај нас, меѓутоа тоа се земји на запад и кај нив денот трае многу повеќе. Би сакал да ги видам анализите, во моментов повеќе има „про“ оставање на летното сметање на времето, но ќе ги видиме сите анализи“, порача премиерот Димитар Ковачевски.
Вообичаено стрелките на часовникот треба да се поместат во 3 часот на 29 октомври, од сабота кон недела. Тогаш 2 часот се смета за 2А, а 3 часот се смета за 2Б. Но, сега сериозно се размислува дали еден час повеќе светлина во периодот кога луѓето се враќаат од работа може да се исплати.
Како би изгледала зимата?
Во текот на зимата сонцето ќе изгрева околу 7 часот, а ќе заоѓа околу 17 часот. Денот во просек ќе трае околу 9 часа, односно во тој период ќе биде достапна природна сончева светлина. Тоа е сценариото според кое ќе се користи дневната светлина за заштеда на електрична енергија доколку не се поместат стрелките за еден час наназад со враќање на зимското сметање на времето.
Доколку пак, се оди на сценариото за прекин на летното сметање на времето и враќање на зимското сметање, тогаш денот ќе започне околу 6 часот, а сонцето ќе зајде околу 16 часот попладне. Во пресметките треба да влезе времето потребно за вештачко осветлување на работните простории, но и за уличното осветлување кое би започнало нешто порано.
Енергетиката како нов аргумент
Дебатата дали е потребно двегодишно менување на времето се води долго време и застапниците на неговото укинување сметаат дека нема конкретни докази за заштеда на енергија. Ова особено важи со употребата на компјутерите и електрониката кои не зависат од тоа дали надвор е ден или ноќ.
Исто така модерните енергетски шеми постојано се менуваат, на пример потрошувачката во последните години е засилена и од „копањето“ криптовалути. Во просек за да се дојде до еден биткоин потребно е да се потроши струја колку што му е потребна на едно просечно семејство во текот на цела година. Овие нетипчни енергетски шеми воопшто не зависат од вообичаените потрошувачки навики во домот, на работното место или за општествените потреби.
Но, од друга страна застапниците на летното сметање на времето ги посочуваат студиите кои утврдиле дека се заштедува околу 1% од целокупната потрошувачка на струја. Во време на енергетска криза и скапа енергија и тој мал процент може да изнесува десетици милиони евра заштеда.
Засега на европско ниво нема одлука која се однесува на тоа дали ќе се менува часовникот на крајот на октомври, туку сите мерки во делот на енергетиката и заштита на потрошувачите се во рамките на заштеда на енергија.