Катар во саботата го освои АФЦ Азискиот куп 2023 година, откако во финалето го победи Јордан со 3:1.
Дефанзивецот на Јордан, Абдалах Насиб во 22. минута во казнениот простор од зад грб стартуваше врз катарскиот напаѓач Акрам Афиф по што беше досуден пенал. Афиф беше прецизен од белата точка и го постигна својот шести гол во седум натпревари на турнирот.
Голманот на Катар Мешаал Баршам направи неколку клучни одбрани во почетните минути од вториот дел за да ги спречи напорите на Јордан да израмни.
Но и покрај неговите напори, силниот удар на јорданскиот напаѓач Јазан Ал-Наимат со левата нога од шеснаесетникот заврши во мрежата на Катар во 67. минута.
Само шест минути подоцна, Афиф од нов пенал постигна уште еден гол за Катар и уште еднаш им донесе водство на домаќините на АФЦ купот.
Во 95. муинута во судиското надополнување, за Катар беше досуден уште еден пенал по интервенцијата на ВАР, а Афиф го комплетираше својот хет-трик во финалето.
Акрам Афиф стана најдобар стрелец на турнирот со осум гола.
Катар во своето второ финале ја одбрани шампионската титула освоена на претходниот Куп, додека Јордан го загуби своето прво финале.