Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен во македонската репрезентација со постигнати десет гола / Photo: Reuters

Ракометната репрезентација на Македонија одигра 27:27 против Унгарија на премиерата на Светското првенство. Фантастичен меч на нашите ракометари предводени од селекторот Кирил Лазаров, но и испуштена голема победа.

Имавме триумф во раце, водство од 27:26 и напад, но не успеавме, а Унгарија стигна до реми и еден бод.

Десниот бек Зоран Илиќ постигна четири гола на почетокот од мечот и Унгарија поведе со 5:2, но потоа дојдоа минутите на Македонија.

Марко Митев беше стрелец на првиот гол за нас, се разигра Филип Кузмановски, се разбрани Никола Митревски и Македонија влезе во фантастична серија, постигнавме осум, а примивме само еден гол, за водство од 10:6.

Но и Унгарците додадоа гас, се доближија на еден гол негатива. Марко Митев и Филип Кузмановски со нови два гола повторно нѐ одлепија на 13:10.

Во последните три минути од првиот дел, Македонија влезе со предност од 14:12, а Игор Ѓоргиев изнуди седмерец, кој не успеа да го реализира капитенот Кузмановски.

Унгарците израмнија на 14:14, но тоа не ги разочара македонските ракометари.

Во вториот дел, неверојатна битка, гол за гол, двете селекции едвај имаа по еден или два гола предност. Блескаа и голманите Митревски и Палашич.

Во последните три минути се влезе со егал 25:25, а Јагуриновски успеа да донесе водство за Македонија. Сепак, возвратија и Унгарците.

Капитенот Филип Кузмановски донесе нова предност, 27:26, а Никола Митревски ја спушти ролетната во најважниот момент.

Имавме напад за победа, но направивме грешка, а Унгарија во контранапад израмни и освои еден бод на стартот на Светското првенство.

Капитенот Филип Кузмановски блескаше, постигна десет гола, диригираше во нападот со својот тим, и жали што не успеавме да стигнеме до триумф.

„Требаше да победиме. Сега жалиме за триумфот, навистина ги имавме в раце Унгарците, но на крајот направивме грешка во нападот, а тоа Унгарија го искористи да израмни. Но, мора да бидеме горди на тоа што го одигравме на почетокот на Светското првенство. Сега треба да се одмориме добро и да размислуваме за следниот противник Холандија“, изјави Кузмановски.

Селекторот на Македонија Кирил Лазаров жали што Македонија пропушти шанса да ја победи Унгарија.

„Треба да бидеме задоволни, но факт е дека готово пропуштивме победа. Неискуството на нашите играчи се покажа, во последниот напад не знаеја да влезат во фаул, само си подаваа. На тајм-аутот им реков да влезат фаул, за жал наместо тоа, направивме техничка грешка и на крајот примивме гол. Сепак, горд сум на момците, горд сум на сите овие навивачи кои дојдоа тука да ни дадат поддршка. Сега треба да останеме мирни, сконцентрирани и да се бориме. Ако имаме ваква енергија, сплотеност, резултатот сам ќе дојде. Холандија е многу побрза селекција од Унгарија и очекувам уште потожак меч“, рече Лазаров веднаш по средбата со Унгарија.

Во првиот натпревар од групата Д, во која настапува нашата репрезентација, Холандија дојде до очекувана победа (40-23) против Гвинеја.


TRT Balkan
Популарни