Бајден првпат во посета на Мексико, претходно ја посети границата / Photo: AA

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден вчера пристигна во Мексико, што е прва посета на американски претседател на таа земја во последните девет години. Посетата на Бајден на Мексико доаѓа во момент на пораст на обемот на трговијата помеѓу двете држави, но и растечката загриженост на САД поради нерегуларните миграции и историскиот број смртни случаи од предозирање со дрога.

Американскиот претседател на меѓународниот аеродром „Фелипе Анжелес“ беше пречекан од неговиот мексикански колега Андрес Мануел Лопез Обрадор со највисоки државни почести. Двајцата денес ќе одржат билатерална средба, а ден потоа ќе биде одржан самитот Трес Амигос заедно со канадскиот премиер Џастин Трудо.

Бајден пред посетата на Мексико отпатува во Ел Пасо, во американската држава Тексас, што е прва негова посета на американско-мексиканската граница откако ја презеде должноста.

„Потребно им се многу ресурси. Ние тоа ќе им го набавиме“, рече Бајден во Ел Пасо, каде помина четири часа.

ЕЛ пасо моментално е најголем коридор за илегални преминувања во САД.

За време на посетата, Бајден се сретна со гувернерот на Тексас, Грег Абот, кој беше гласен критичар на имиграциската политика на актуелната американска администрација.

„Тој мора да преземе брза акција, вклучително и надоместување на државата Тексас за парите што ги потрошивме, но и обезбедување повеќе ресурси за федералната влада да ја заврши својата работа“, рече Абот.

Бројот на мигранти кои ја минуваат границата меѓу САД и Мексико драстично се зголеми во првите две години од администрацијата на Бајден. Минатата година беа запрени повеќе од 2,38 милиони мигранти.

Републиканците ја критикуваа Бајденовата граничка посета нарекувајќи ја политички трик.

Претседателката на Републиканскиот национален комитет Рона МекДаниел одржа посебна прес-конференција во пограничниот град Мекален за да го критикува „катастрофалниот план за безбедност на границата на Бајден и неговото влијание врз пограничните заедници во Тексас“.

TRT Balkan / агенции
Популарни