Протестите на универзитетите во САД ги одразуваат чувствата што ги имаат нашите граѓани за страдањата низ кои минуваат невини луѓе во Газа, рече Блинкен / Photo: Reuters

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека САД не виделе израелски план за инвазија на Рафах, кој има приоритет на заштитата на цивилите во тој град на југот на Појасот Газа.

„Јасно ставивме до знаење дека не можеме да поддржиме голема воена операција во Рафах без план за да се осигураме дека цивилите нема да бидат повредени. Допрва треба да видиме план кој ни дава доверба дека цивилите можат ефективно да бидат заштитени“, рече Блинкен за време на панел на Светскиот економски форум во Ријад, Саудиска Арабија.

Израел од 7 октомври минатата година извршува брутални напади врз Појасот Газа, во кои досега беа убиени најмалку 34.488 Палестинци, главно деца и жени.

Израелските власти најавуваат дека ќе го нападнат и Рафах, град на југот на Појасот Газа каде се засолниле повеќе од милион раселени лица.

Шефот на американскиот Стејт департмент на панелот во Ријад ги коментираше и протестите одржани на американските универзитети против израелските акции во Појасот Газа.

„Ова ги одразува чувствата што ги имаат нашите граѓани за страдањата низ кои минуваат невини луѓе во Газа и јас го разбирам тоа“, рече тој.

Блинкен укажа на израелскиот предлог кој има за цел да се постигне договор за размена на заложници и прекин на огнот.

„Хамас има пред себе извонреден, крајно дарежлив предлог од Израел. Тие треба да одлучат и треба брзо да одлучат. Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, рече Блинкен.

Тој, исто така, го критикуваше Иран, велејќи дека тој е „најголемиот извор на нестабилност“ на Блискиот Исток.

AA
Популарни