Се надеваме дека ќе продолжиме со процесот на ослободување на затворениците, кој беше запрен пред неколку месеци, рече Блинкен / Photo: AA

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека одговорот на Хамас на предлогот за прекин на огнот и договор за заложниците има некои недостатоци, но „остава простор за постигнување договор“.

„Иако во одговорот на Хамас има јасни недостатоци, сметаме дека тоа остава простор за постигнување договор. На тоа неуморно ќе работиме додека не се постигне“, рече Блинкен на прес-конференцијата за новинарите во Тел Авив.

Блинкеновата изјава следуваше набргу откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги нарече заблуда барањата на Хамас за пуштање на заробениците и договор за прекин на огнот и вети дека ќе ја продолжи офанзивата во Појасот Газа сѐ додека не се постигне победа над Хамас.

Хамас во вторникот објави дека испратил одговор до Египет и Катар во врска со рамковниот договор за предлогот за размена на заробеници и прекин на огнот во Појасот Газа.

Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим ал Тани изјави дека во вторникот официјална Доха примила одговор од Хамас за договорот, додавајќи дека генерално е позитивен.

Се верува дека Хамас сѐ уште држи околу 136 израелски заложници.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.708 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 67.147 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Според податоците на Обединетите нации, 85 отсто од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 отсто од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

AA
Популарни